• петок, 22 ноември 2024

Спасовски од Ѓорче Петров: Ќе живееме како европски граѓани со европски плати и европски просперитет

Спасовски од Ѓорче Петров: Ќе живееме како европски граѓани со европски плати и европски просперитет
Скопје, 6 јули 2020 (МИА) - Носителот на листа во ИЕ 2 од Коалицијата „Можеме“, Оливер Спасовски, вечерва на граѓанската трибина во скопската општина Ѓорче Петров зборуваше за постигнувањата на нашата држава во изминатите три години со што државата стана членка на НАТО, на чекор е до, како што рече, отворање на преговорите со ЕУ, овозможивме стабилност на политички и безбедносен план, без што нема развој.
- Создадовме држава во која сите сме слободни, владее демократија, никој повеќе не нè дели, сите сме едно, затоа што секој е важен. Создадовме држава ценет меѓународен партнер, држава која знае да решава прашања. Денеска заедно со Грција и Бугарија одиме напред, кои се наши лобисти, заедно станавме дел од НАТО, заедно ќе станеме и дел од ЕУ. Имаме двојно повеќе причини да не им дозволиме да не вратат назад, во режим и грабеж. Ветуваме дека за 4 години ќе затвориме 80 проценти од поглавјата и во наредните 5-6 години ќе бидеме европски граѓани со европски плати и европски просперитет, рече Спасовски.
Тој потенцира дека се обврзуваат по формирањето на Владата испитување на имотната состојба на сите судии и обвинители. - Ќе направиме ревизија на пет проценти од судските пресуди по случаен избор, како суделе, дали државата и граѓаните им биле на прво место или политичките и бизнис интереси. Судија кој не е чесен, ќе мора да бара друга работа. Судија кој држи предмети во фиока мора да биде разрешен. Само така ќе има правда за сите. Сите чесни судии и обвинители повикувам да го поддржат овој процес и да се исчистиме од олошот во институциите, повика Спасовски.
- И средношколците и студентите добија домашна платежна картичка, бидејќи сега е моментот да се помогне. Се грижиме за сите. Посебно се грижиме за младите. Тоа го направивме и со доделувањето ваучери за дообука и квалификација во ИТ вештини, тоа што најмногу е потребно сега во овие услови кога многу од работите мора да се спроведуваат on line, дигитално.  Една од основите во Програмата е нашата земја да ја направиме дигитализирана држава. Мораме да излеземе и да гласаме, да дојдеме до секој и да му кажеме дека негласањето е глас за враќање на режимот, дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се опасност. На 15 јули масовно на избори, број 3, да кажеме Збогум на режимот, да ги пратиме во историја, нека се обновуваат во нивната партија, а ние ќе грабиме напред, во нови победи за Македонија и за младите, повика Спасовски.
Тој потенцира дека веднаш по формирањето на Владата ќе утврдат минимална пензија и сите кои имаат мали пензии од 5.000 денари и нагоре, да имаат најмалку 10.700 денари.
Сања Лукаревска, носителка на Изборната единица 2 рече дека Владата предводена од СДСМ во изминатите три години се обврза дека ќе гради мостови и додаде дека граѓаните не смеат да дозволат враќање назад.
- Не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Не смееме да заборавиме како владееше ВМРО-ДПМНЕ. Успеавме да се спасиме, да го урнисаме режимот и да си ја вратиме слободата. Тоа не може да го оспори никој. Денес живееме слободно", рече Лукаревска.
Таа истакна дека сме сведоци бевме на медиумски мрак, на корупција, на криминал, на кршење изборен процес со гласачи од Пустец. Посочи дека успеале да го срушат режимот, и потоа, како што рече, сакаа да се осветат со смрт на 27 април.
- Не смееме да се вратиме назад! Не смееме да дозволиме обнова на кинески провизии, на тепани студенти, обнова на медиумски мрак, на рушење наместо на градење. Па и тоа што го градеа почна да се распаѓа, рече Лукаревска.фф/са/

Остани поврзан