• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски од Тетово: Во првите шест месеци од годинава имаме зголемување на откривачката функција за 48 проценти

Спасовски од Тетово: Во првите шест месеци од годинава имаме зголемување на откривачката функција за 48 проценти

Тетово, 5 јули 2023 (МИА) – Во Секторот за внатрешни работи Тетово денеска беше реализиран „Отворен кабинет“, дел од серијата посети на организациските единици на МВР, при што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лично ги слуша предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат.

Воедно, на средба со раководството во СВР Тетово, Спасовски беше запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Тетово, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција.

- Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Тетово е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Тетово во изминатите шест месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за пет проценти, информираше министерот Спасовски.

Тој потенцираше дека севкупната откривачка дејност на ниво на СВР Тетово, во текот на 2023 година изнесува 78 проценти. 

- Класичниот криминал на територија на СВР Тетово во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување за пет проценти споредбено со истиот период 2022 година.Во првите шест месеци од годинава имаме зголемување на откривачката функција за 48 проценти компаративно со истиот период лани во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Зголемување на откривачката функција за 14 проценти годинава имаме и во областа на недозволената трговија со оружје и распрскувачки материи, споредбено со првите шест месеци лани. Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот, истакна министерот Спасовски.

Министерот ги потенцираше и превентивни активности на СВР Тетово.

- Со овие активности во најголем број беа опфатени ученици од основно и средно училишта, деца од градинки и Советодавни групи на граѓани во урбани и рурални средини, изјави Спасовски.

Од страна на СВР Тетово во првите шест месеци во текот на 2023 година реализирани се седум превентивно-едукативни проекти и 13 превентивни кампањи, како и над дваесетина други тековни активности од ваква природа и карактер, чиј иницијатор и носител беше Отсекот за превенција, во соработка со локалните самоуправи, а во некои од нив и со ОБСЕ. ас/цр

Фото: МВР 

Остани поврзан