• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Воспоставивме модерни стандарди кои целосно ќе ја реализираат клучната позиција на полицијата како сервис на граѓаните

Спасовски: Воспоставивме модерни стандарди кои целосно ќе ја реализираат клучната позиција на полицијата како сервис на граѓаните

Охрид, 7 мај 2023 (МИА) – Припадниците на полицијата се хероите на нашето време, тие секојдневно ги ризикуваат животите за да да ја заштитат заедницата во која живееме, а нашиот свет да го направат подобро место за живеење. Секој ден во секој град низ целата земја ден во секој град низ целата земја илјадници полицициски службеници вршат несебична, благородна работа, надвор од домот и семејство, во непредвидливи услови и често во непредвидливи ситуации, за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбеднсота на државата, во жестока пресметка со криминалот, спречувајќи ги кризите без чекање и двоумење. Тоа го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Охрид каде се одржува централната свеченост по повод 7 мај – Денот на македонската полиција.

Спасовски пред присутните гости, министри од Владата на РСМ, пратеници во Собранието, министри за внатрешни работи и директори на полиции на повеќе држави од регионот, членови на дипломатскиот кор, други личности од јавниот, верскиот и општествениот живот, како и граѓани на Охрид, забележа дека секое време има своја тежина и ниту една генерација не е заобиколена од предзвиците со кои се соочува.

Но имајќи го предвид современото живеење, како што рече, свесни сме дека предизвиците пред кои сме исправени не познаваат ниту граници ниту нации, така што не е нескромно да се каже дека од секој припадник  на полицијата се очекува одговорноста и посветеноста кон професијата да покаже и докаже повеќе од било кога.

-Нашето  време од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин, Имајќи ги предвид глобалните безбедносни предизвици, поимот „наш граѓани’ станува граѓанин на светот, што го покажаа турбуленциите од последните геополитички случувања на светско рамниште на кои ниту едно општество не остана имуно, а граѓаните на сите држави делеа исти грижи и исти заложби, рече Спасовски.

Тргнувајќи од основната премиса на секое демократско општество дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, МВР, како што нагласи тој, воспостави модерни стандарди кои ќе ја реализираат клучната позиција на полицијата како сервис на граѓаните.

-Паралелно на тој процес, следејќи го пулсот на времето, како  и регионалните и глобалните геополитички политички и безбедносни трендови, работевме и создававме мостови на партнерства и пријателства, дел од нив сосема нови. Воспоставивме и активна оперативна соработка со колеги од Европа и пошироко, храбро да ги реализираме реформите во МВР за да бидеме дел од едиствена европска политика, оцени Спасовски.

Осврнувајќи се на изминатите шест години откако го предводи МВР, Спасовски потенцираше дека министерството се етаблираше како институција во која работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против хибридните закани и тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните, за чија ефикасност покажуваат конкретните резултати во борбата со криминалот.

-Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со шест проценти намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40 проценти. Дури 70 насто е зголемувањето на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за над 30 насто имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин. Како резултат на ова, во рок од шест месеци спроведовме две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци“, потенцираше министерот некои од минатогодишните бројки и статистики на ефикасноста на македонската полиција.

Спасовски и за првите четири месеци од оваа година истакна дека вкупниот крминалитет е намален за 12,6 проценти во однос на истиот период лани, а во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал. Како што рече, во моментот се постапува по 244 криминалистички истражувања.

-Бележиме најдобри резултати во последните 30 години, благодарение на кои Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати, потенцираше министерот Спасовски притоа истакнувајќи дека полицијата покажа дека може и мора да остане доследна на задачата за бескомпромисно чување на законот, на редот и мирот и, секако, на безбедноста на сите наши граѓани и целата држава.

Претседателот на Интерпол, генерал-мајор Ахмед Насер Ал-Раиси, во своето обраќање истакна дека Деновите на полицијата низ целиот свет имаат за цел да ја потсетат јавноста на пожртвуваноста на припадниците на безбедносните сили и нивниот секојдневен ангажман во обезбедувањето мирен и спокоен живот за сите граѓани.

-Северна Македонија три децении е посветен член на Интерпол. Долготрајното партнерство е симбол на посветеноста на Северна Македонија во поддршката на глобалната безбедност. Земјата е силен поддржувач на Интерпол во сите области. Северна Македонија со учество во витални операции насочени кон справување со криминални дела во областа на миграцијатата, шверцот на наркотици, фалсификувани документи, не се брани само себеси и своите граѓани туку помага во одбраната на регионот, Европа, рече Ал-Раиси, кој како позитивен пример го посочи учество на МВР во акцијата „Либератера“ од 2021 година за спречување илегална миграција, аитивност за која рече дека спаси стотици животи.

Честувањата по повод празникот почнаа изутринава со оддавање почит на паднатите припадници на МВР кои животот го дадоа за одбрана на татковината. Како новина во прославувањето на празникот годинава беше одржаната панел-дискусија на која се разговараше за активностите и реформите спроведени во МВР, како и начините за подобрување на условите за работа во службата. аб/лв/

Остани поврзан