Со „Стела“ почна филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран
- Со долгометражниот македонски игран филм за млади „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ и со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик синоќа во Дојран почна третиот фестивал „Преку езерото“.
Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Со долгометражниот македонски игран филм за млади „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ и со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик синоќа во Дојран почна третиот фестивал „Преку езерото“.
Претходно, во Музејот на Град Дојран се одржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото“, Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“ Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде утре со доделување на наградата „Мето Јовановски“ што се доделува за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот на актерот Владо Јовановски, како и проекција на филмот „Руски конзул“, последниот филм на Мето Јовановски.
- Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро, соопштија од Фестивалот.
Според програмата, денеска во 11 часот во Музејот на Град Скопје ќе има настан на студенти на конкурсот за финансиска подршка на дипломски филмови, а вечерта е во чест на Владо Јовановски. Ќе има видео омаж од филмовите на Владо Јовановски, интервју со него и разговори со публиката.
Во рамки на фестивалот, до 11 август, публиката ќе може да ги погледне филмовите „Татко“ во режија на Светозар Ристовски, „Параноик“ на режисерот Андреј Георгиев, „Руски конзул“ во режија на Мирослав Лекиќ, „И покрај тоа што е ноќ“ на Гилермо Гарсија Лопез, „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески, „Сребрен бунт“ на Дан Шадур, „Волкот на мачката“ на Жан-Себастијан Бернар, „Тишина 6-9“ на Христос Пасалис, „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, „Балада“ на Кристофер Нилсон, „Ѕвездена“ на Александра Лазаровски, „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев, „Подрум“ на Омер ферхат Озмен, „Лошо на момент“ на Даниел Соарес и „Заразени“ на Себастијан Ваничек.мд/са/
Фото: Фестивал „Преку езерото“