• понеделник, 23 декември 2024

Сопругата на претседателот учествуваше на панел дискусија на тема „Светски ден за борба против дијабетесот“

Сопругата на претседателот учествуваше на панел дискусија на тема „Светски ден за борба против дијабетесот“

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска денеска учествувала на панел дискусијата организирана по повод 14 Ноември - Светскиот ден на дијабетесот, на која изразила загриженост од растечкиот глобален тренд со кој поединци и семејства се соочуваат со предизвиците на оваа болест.

Ѓоргиевска посочила дека искуствата укажуваат оти најголемиот дел од здравствените проблеми, вклучително и дијабетесот, се поврзани со неправилниот начин на живот и дека затоа е неопходна поголема физичка активност, правилна исхрана и рано дијагностицирање на одредена состојба или болест.

Според неа, ваквите тенденции ја нагласуваат итноста од заеднички напори за борба против дијабетесот на повеќе фронтови.

 - Од тој аспект само ќе споменам дека дијабетесот, меѓу другите стручни лица, може да го забележи и стоматологот, имајќи ги предвид симптомите што се јавуваат во усната празнина, истакнала Ѓоргиевска, нагласувајќи ја потребата од раниот скрининг на пациентите, со кој значително би се спречиле карактеристичните компликации што се јавуваат во подоцнежните фази на одредена здравствена состојба.

Во обраќањето пред присутните, сопругата на претседателот ја истакнала потребата од дестигматизација на пациентите кои се соочуваат со дијабетесот.

- Колку повеќе зборуваме за одреден проблем, толку е помала стигмата, бидејќи со дискусијата расте свеста кај граѓаните. Луѓето се плашат од непознатото, кога се зборува за тоа, едноставно многу поефикасно може да се пристапи кон одреден проблем, рекла Ѓоргиевска, упатувајќи честитки и за неодамна промовираниот Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки, како и за книгата „Тип 2 дијабетес – од превенција до соодветен третман”.

На настанот, во организација на Health Hub, стручни излагања имале д-р Ирфан Ахмети - претседател на Националната комисија за дијабетес, д-р Татјана Миленковиќ - претседател на Македонското научно здружение на ендокринолози и дијабетолози, проф. д-р Лидија Поповска - интернист, кардиолог, мајка на дете со дијабетес тип 1 и д-р Арѓент Муча - директор на Клиниката за ендокринологија, а се обратил и евроамбасадорот Дејвид Гир. бак/дма/

Фото: Кабинет на претседателот

Остани поврзан