• понеделник, 23 декември 2024

„Солуција“ бара фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавни здравствени установи

„Солуција“ бара фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавни здравствени установи

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ бара законско уредување и гарантирање фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи во државава. Ова беше истакнато попладнево на брифинг со медиумски работници, во организација на граѓанската сила „Замисли“, каде претседателот на „Солуција“, Никола Димитров и правникот Гоце Коцевски од „Здружение на млади правници“, зборуваа за акцијата за измени на Законот за здравствена заштита и воведување меритократија во процесот на вработување лекари.

- Македонското здружение на млади правници ја поддржува иницијативата на организацијата „Солуција“ за законско уредување и гарантирање фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи. Како организација, ние предложивме решенија со што ќе се адресира клучниот проблем што постои сега, а тоа е неограниченото дискреционо овластување на директорите на јавните здравствени установи да изберат кандидат за вработување, независно од ранг листата што е изработена од страна на комисијата, појасни Коцевски.

Тој посочи дека тоа што се предлага, не е нешто што е невообичаено за нашиот јавен сектор.

- Веќе постои во другите како што е образованието, социјалната заштита, културата, а тоа е директорот да биде врзан со ранг листата што ќе биде изготвена од страна на комисија што ќе биде конституирана со објективни критериуми, што ќе спроведе еден објективен процес на проверка на кандидатот и притоа, директорот единствено да може да го потврди изборот на кандидатот. Со можност за одреден исклучок, ако постојат некои основани причини, да даде образложение, зошто не го поддржува кандидатот, кој е избран од страна на самата комисија, додаде Коцевски.

На брифингот беше кажано дека имало консултации со лица вработени во здравството, кои се согласиле дека во државава потребна е фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи.

- На овој начин, веруваме дека ќе се ограничи можноста за недозволени влијанија во процесот на избор, а од друга страна пак, ќе се овозможи избор на најдобрите кандидати во нашите здравствени установи, нагласи Коцевски пред новинарите. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан