• петок, 22 ноември 2024

Солистички концерт на младиот пијанист Арда Мустафаоглу во Велес

Солистички концерт на младиот пијанист Арда Мустафаоглу во Велес
Велес, 17 март 2021 (МИА) - На сцената во салата „Бели Мугри“ во Велес вечерва солистички концерт одржа младиот и виртуозен пијанист Арда Мустафаоглу. Концертот поради пандемијата беше со ограничен број на публика која беше воодушевена од маестралната изведба на младиот Арда Мустафаоглу, кој од изминатата есен е студент на Конзерваториумот во Хамбург во Германија, каде ментор му е врвната пијанистка и професор Ана Виницкаја. Како што изјави Арда за МИА, овој концерт само во дел бил изведен пред неговите колеги во Хамбург, а во земјава ова е негов прв настап во Велес, на паузата меѓу два семестри во враќање дома во Скопје. Овој концерт е прв пред неговиот големи солистички концерт со истата оваа програма, а кој е закажан за 29 март на сцената на Филхармонијата во Скопје. Концертот поради пандемијата освен пред малубројна публика ќе се емитува онлајн на каналот you tube. Младиот пијанист Мустафаоглу, кој е вторпат во Велес по пауза од 2 години и четири месеци, овојпат настапи со Последната соната од Хајд, со 5 Скарлатиеви сонати, Алегро од Шуман и Рапсодии од Брамс, а кога беше вратен од публиката на бис со долг и силен аплауз настапи со Рапсодии Тајминг. Концертот го организира ОМУ „Стефан Гајдов“ и професор по пијано м-р Илија Настовски во соработка со Општина Велес. Професорот по пијано м-р Настовски во разговор за МИА, младиот пијанист кој го познава од најрана возраст и го следи неговиот пијанистички развој и усовршување, Арда Мустафаоглу го опишува како  поет на пијаното. -Секој тон во композициите е префинет и отсвирен со посебен жанр. Професионалниот пристап кон делата e претставен до совршенство со префинето педализирање својствено на стилот и карактерот на композициите. Арда успеа да ни претстави две слики преку изведбата на стара класика до доцен романтизам, Чембалскиот призвук на Скарлатиевите сонати прозвучи во префинет израз на пијаното со користење на одлична прстна техника и доза на специфична педализација. Ретко кој пијанист го користи средниот педал на клавирот, а таа одлика е на младиот виртуоз на пијаното пред кого е светска слава, потенцира проф. м-р Настовски Младиот пијанист Мустафаоглу е воодушевен од велешката публика и најави дека по завршувањето на пандемијата ќе одржи  и трет, најголем солистички концерт, пред бројни љубители на класичната музика  во Велес. ад/ев/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан