• понеделник, 02 март 2026

Собраниска делегација на Конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ во Никозија

Собраниска делегација на Конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ во Никозија

Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Македонска собраниска делегација ќе учествува на Интерпарламентарната конференција за заедничката надворешна и безбедносна политика и заедничката безбедносна и одбранбена политика што од 3 до 5 март ќе се одржи во Никозија, Кипар. Конференцијата, во услови на актуелни геополитички предизвици, има за цел да придонесе кон изградбата на поотпорна, пообединета и поефикасна ЕУ во областа на надворешната и безбедносна политика.

Фокусот на Конференцијата ќе биде ставен на приоритетите и стратегиите на заедничката надворешна и безбедносна политика (CFSP) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP), зајакнувањето на улогата на Европската Унија во Северна Африка и Блискиот Исток, како и на изградбата на посилна и покапацитетна европска одбрана. 

Во состав на македонската делегација се претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Павле Арсоски, претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Муса Џафери, како и членовите на овие комисии - Оливер Спасовски и Рашела Мизрахи.

Како што соопшти собраниската прес-служба, конференцијата е во рамките на парламентарната димензија на Кипарското претседателство на Советот на Европската Унија, а организирана од страна на Парламентот на Република Кипар.

На конференцијата се очекува учество на претседателите на надлежните парламентарни комисии од земјите членки на ЕУ и Западен Балкан, членови на Европскиот парламент, како и претставници од академската и безбедносна заедница. Во услови на актуелни геополитички предизвици, конференцијата има за цел да придонесе кон изградбата на поотпорна, пообединета и поефикасна ЕУ во областа на надворешната и безбедносна политика.

Конференцијата претставува значајна платформа за размена на мислења и зајакнување на интерпарламентарната соработка меѓу националните парламенти на земјите членки и земјите кандидатки за членство во ЕУ, Европскиот парламент и поканетите експерти. сст/вј/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан