• недела, 22 декември 2024

Собранието утре ги продолжува 32. и 36. седница

Собранието утре ги продолжува 32. и 36. седница
Скопје, 17 април 2021 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 14:00 часот го закажа продолжението на 32-та седница, а по завршување на 32-та, ќе продолжи 36-тата, на која, меѓудругото треба да се гласа и за трите закони кои се однесуваат на петтиот пакет антикризни мерки. Во четвртокот вечерта по двочасовна расправа Џафери ја прекина 32-та седница и најави дека е можно да предложи карантин за Собранието. Имено, во четвртокот до доцна вечерта траеше жолчната расправа во Собранието. Координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Парламентот повеќе од два часа, преку процедурални забелешки, расправаа дали да се гласа за 21 точка од 32-та седница и потоа да продолжи 36-тата седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да продолжи 36 седница, на која се и три закони од петтиот пакет антикризни мерки. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум. Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница. Опозиционерите одлучија да излезат од салата за да не создадат кворум за гласање по точките од 32 седница. Џафери забележа дека на списокот за евиденција како присутни во Собранието се пријавиле 101 пратеник, кои треба да бидат во собраниската сала и ги читаше нивните имиња, како што рече, за да слушнат граѓаните кои се пратениците кои земаат плата, а не учествуваат во работата на Собранието. - Пратениците имаат обврска да присуствуваат во салата, а нивно право е дали ќе гласаат или нема да гласаат, или пак, ќе учествуваат во дебатата или нема да учествуваат. Не можам секој ден да плаќам патни трошоци за 101 пратеник, а во сала да бидат присутни 58 или 59 пратеници, рече Џафери во четвртоток, кој ја искритикува опозицијата дека го блокира Собранието, а пратениците дека ги спроведуваат партиските одлуки наместо да работат во интерес на граѓаните. - Се повикувате дека работите за граѓаните, тогаш повелете работете за нив, рече Џафери. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев му посочи на Џафери дека кога не може да се создаде кворум, тогаш треба да го прифати ултиматумот од опозицијата, на што претседателот на Собранието рече дека не прифаќа ултиматуми. см/ац/  

Остани поврзан