• недела, 17 ноември 2024

Собранието го заврши општиот претрес по предлог-измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште

Собранието го заврши општиот претрес по предлог-измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште
Скопје, 1 април 2022МИА) - Пратениците ја завршија општата расправа по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште во прво читање. Предлог-законот е даден на натамошна доработка, а гласањето ќе биде дополнително закажано. Ова беше и последната точка од 30-тата собраниска седница. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов, говорејќи за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, рече дека квалитетното земјиште не треба да се пренамени во градежно. - Живееме во време на неколку кризи, кои носат несигурност. Една од тие несигурности е и достапноста до храна. Покрај енергијата и здравствените услуги, веќе и храната станува прашање за кое сериозно мораме да размислуваме. Во ред е што се носи овој закон, кој претставува усогласување со регулативата за урбанистичко планирање. Меѓутоа, моите дилеми се околу тоа што во законот е предвидено ресорното министерство да даде мислење за некое земјоделско земјиште, но не е предвидена согласност. Едно е да дадете мислење а друго е согласност, вели Трајанов, кој смета дека со тоа Министерството за земјоделство се доведува во подредена ситуација во однос на Минисетрството за транспорт и врски. Тој вели дека нема ништо против што урабанистички се шират градовите, но предупредува дека не треба да се доведеме во ситуација најдоброто земјоделско земјиште да биде пренаменето во градежно. Трајанов предлага Министерството за земјоделство да стави на некој начин вето доколку се побара одредено квалитетно земјоделското земјиште да биде пренаменето во градежно. Со мислењето на Трајанов, се согласи и пратеникот Златко Пенков, кој рече дека не треба со избрзани законски решенија земјоделците да бидат оставени без квалитетна земја. По завршувањето на општиот претрес по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, потпретседателот на Собранието Мисовски за денеска ја прекина работата на Собранието. Седниците за следната недела ќе бидат дополнително закажани. ир/сп/

Остани поврзан