• сабота, 23 ноември 2024

Смотрич го отфрли предлогот на Египет и Катар за формирање технократска влада во Газа

Смотрич го отфрли предлогот на Египет и Катар за формирање технократска влада во Газа

Ерусалим, 25 декември 2023 (МИА) - Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич денеска остро го отфрли неодамнешниот предлог на Египет и Катар за ставање крај на војната во Појасот Газа и создавање технократска влада која ќе управува со територијата, заедно со Западниот Брег.

Смотрич го критикуваше Египет дека дозволил во минатото огромни количества муниција да влезат во Појасот Газа и кажа дека земјата треба да им дозволи на жителите на Газа да ја преминат египетската граница за да можат да емигрираат во други земји, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израелскиот министер, кој ја предводи екстремно десничарската партија Религиозен ционизам, кажа дека израелскиот воен кабинет „нема мандат“ да одобри таков план и дека неговата партија нема да биде партнер во влада која се согласува да ја заврши војната или да дозволи официјални лица од Палестинската самоуправа да бидат вклучени во управувањето со Газа.

Според него, воениот кабинет нема мандат да ја прекине војната пред да се постигнат сите воени цели.

-По многу години во кои Египет дозволи, со затворање на очите, Хамас лудо да се вооружи, како што сега се открива, единственото нешто што може да го направи во Газа е да им дозволи на жителите на Газа да одат во Египет на пат кон други земји, нагласи Смотрич.

Тој додаде дека ниту Катар, ниту Египет, нема да бидат вклучени во иднината на тоа што се случува во Појасот Газа.

-Не ги повторувајте грешките. Секој што мисли дека државата Израел ќе се согласи со некаков план за формирање влада на професионалци, во која Хамас и Палестинската самоуправа ќе бидат вклучени под маската на технократски функционери, живее во илузија , рече Смотрич. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан