• петок, 22 ноември 2024

Скапоцените камења што Болсонаро ги добил од Саудиска Арабија предадени во бразилската Централна банка

Скапоцените камења што Болсонаро ги добил од Саудиска Арабија предадени во бразилската Централна банка

Бразилија, 24 март 2023 (МИА) - Претставник на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро денеска и предаде на бразилската Централна банка комплетот скапоцени камења што тој ги добил од Саудиска Арабија.

Американските медиуми пренесуваат дека во филијалата на  Централната банка „Каикса“ во Бразилија денеска била предадена кутија со скапоценостите, а тоа било извршено  по наредба на владата.

Американските медиуми наведуваат дека властите истражуваат дали накитот бил јавен подарок што Болсонаро неправилно се обидел да го „одвои“ за да избегне да биде вклучен во јавната колекција на претседателството, или приватен подарок што Болсонаро се обидел да го внесе во Бразил без да плати данок.

Бразилските власти претходно заплениле и втор сет накит, чија вредност се проценува на неколку милиони долари, а тој комплет, исто така, не бил пријавен во даночните власти.

Болсонаро, кој негира дека сторил нешто лошо во врска со скапоцените камења, од крајот на декември се наоѓа во САД, каде замина само неколку дена пред крајот на неговиот претседателски мандат.

Неговата Либерална партија денеска преку социјалните мрежи потврди дека по повеќе од три месеци самонаметнат егзил во САД, Болсонаро на 30 март ќе се врати во земјата, откако на претседателските избори не успеа да ја поврати довербата на граѓаните.

„Претседателот на нашата партија Валдемар Коста Нето потврдува дека Жаир Болсонаро ќе се врати во Бразил на 30 март. Тој ќе се спушти во Бразилија во 7:30 часот“, се наведува во соопштението на Либералната партија на социјалните мрежи, пренесено од британските медиуми. сд/

Остани поврзан