Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Филипини
- Сиљановска-Давкова ја истакнала важноста на односите и соработката со Филипините како на билатерален, така и на мултилатерален план. Посочила дека двете држави треба да се фокусираат на интензивирањето на политичкиот дијалог, искористувањето на потенцијалите во економијата и трговијата, развивањето на културните врски и стимулирањето на научно-образовната размена и туризмот.
Скопје, 7 јули 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор во земјава Џовани Енденсија Палек од Република Филипини, со седиште во Атина, соопшти вечерва Кабинетот на претседателката.

Сиљановска-Давкова ја истакнала важноста на односите и соработката со Филипините како на билатерален, така и на мултилатерален план. Посочила дека двете држави треба да се фокусираат на интензивирањето на политичкиот дијалог, искористувањето на потенцијалите во економијата и трговијата, развивањето на културните врски и стимулирањето на научно-образовната размена и туризмот.
- Нагласувајќи дека живееме во време на предизвици и реални закани за глобалниот мир и за безбедноста, како и тенденција проблемите да се решаваат со употреба на сила, претседателката ја потенцираше неопходноста од активна соработка во рамките на Обединетите нации и другите релевантни меѓународни организации и форуми, во духот на мултилатерализмот, се вели во соопштението.
Оценувајќи ја денешната церемонија како историска, вонредниот и ополномоштен амбасадор Палек рекол дека средбата е посебен момент не само за него, туку и за двете земји, бидејќи се преземаат конкретни чекори за воспоставување на поблиски релации.

Тој потенцирал дека иако формалните дипломатски односи се во рана фаза, тие се засновани на заеднички вредности и принципи, почитување на човековите права, владеење на правото и мирно решавање на споровите.
По воспоставувањето на дипломатските односи во 2021 година, амбасадорот Палек е првиот филипински носител на оваа одговорна функција во земјава, со што, заклучила Сиљановска-Давкова, тој станува дел од историјата на македонско-филипинските односи.лв/сст/
фото: Кабинет на Претседател