• петок, 22 ноември 2024

Синдикатот на УПОЗ реагира на укинувањето на колективниот договор во земјоделство, најавува кривични пријави

Синдикатот на УПОЗ реагира на укинувањето на колективниот договор во земјоделство, најавува кривични пријави
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) денеска реагираше на укинувањето на колективниот договор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. - Најголем грев на овој колективен договор, беше тоа што во него стои одредба за исплата на јубилејни награди на вработените, право кое е дадено во Законот за работните односи и само допрецизирано во колективниот договор и заштита на вработените во најавената реформа и реорганизација на јавната администрација, истакна на прес-конференција претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски. Според Деановски, ова е класичен случај на злосторничко здружување во кој се вклучени Државниот инспекторат за труд, МЗШВ и Владата. - По барање на МЗШВ дадено на седница на Владата, Владата го задолжува Државниот инспекторат за труд да направи надзор на Колективниот договор на МЗШВ. ДИТ не можејќи да најде ништо спротивно на законот во одредбите на колективниот договор, излегува од рамки на своите ингеренции и заклучува дека колективниот договор е добар, но постапкката за склучување била спротивна на законот и поради тоа налага на Владата да го раскине колективниот договор. Потоа Владата на седница носи одлука за отказ на колективниот договор и на крај министерот за земјоделство испраќа допис со кој овој колективен договор е откажан, појасни Деановски. Додаде дека утре на ист ваков начин Владата може да посегне да откажува и други колективни договори со кои ќе се намалат правата на вработените. - Согласно законските одредби, по отказот на колективниот договор истиот ќе може да се применува уште шест месеци, а потоа неговите одредби повеќе нема да важат. Ова значи дека припадниците на шумската полиција, кои земаат плата согласно одредбите на овој колективен договор, ќе земаат плата уште шест месеци, рече Деановски. Според него, намерата на Министерството била платите на припадниците на шумската полиција да се префрлат во закон и на тој начин да се заобиколи колективниот договор. - Мислеа дека така ќе ги изиграат вработените и синдикатите, но вчера Министерството доби информација од друг државен орган дека платите на шумските полицајци, мора да бидат регулирани исклучиво со колективен договор и на ниту еден друг начин, со што Министерството си го поставува прашањето - што сега откако го откажавме колективниот договор, рече Деановски, додавајќи дека Министерството ова право ниту еднаш им го нема исплатено на вработените и нема побарано преку социјалниот дијалог да се изнајде решение за исплата. Со оглед на тоа дека колективниот договор ќе трае уште шест месеци, тој ги повика сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во Министерството за земјоделство да ги искористат сите поволности што ги дава колективниот договор и по пат на поднесување на тужби да ги остварат своите права, а за тоа Синдикатот на УПОЗ ќе даде бесплатна правна помош. - Го информирам и министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 166 став 1 од Кривичниот законик, поради неисполнување на правата од колективниот договор, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ. Додаде дека испратиле писмо до МЗШВ со којшто бараат да продолжат преговорите за потпишување на колективен договор според Законот за работни односи и дека ќе бараат поголеми плати, повеќе податоци, повеќе надоместоци. Деановски информираше дека следува уште еден колективен договор кој ќе се укине и според него,  ваквата пракса на укинување ќе продолжи се до конечно укинување на колективното договарање. Прашан за времето кога е донесен колективниот договор информираше дека е донесен во февруари 2021 година и дека опфаќа околу илјада вработени во МЗШВ. сх/бак/

Остани поврзан