• понеделник, 23 декември 2024

Независниот синдикат на судска администрација бара преговори со Владата за зголемување на платите

Независниот синдикат на судска администрација бара преговори со Владата за зголемување на платите

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - Независниот синдикат на судска администрација денеска одржа синдикален марш од пред платото на Основниот кривичен суд Скопје до Владата изразувајќи незадоволство од висината на платите во судската администрација и повика на преговори со Владата.

Претседателката на Независниот синдикат на судска администрација Јасмина Величкова го повика премиерот Димитар Ковачевки што поскоро да отпочнат преговорите со Синдикатот за зголемување на нивните плати.

- Го повикуваме претседателот на Владата да нѐ прими, односно во најкус можен рок да ги закаже преговорите и не по улици, туку да се гледаме достоинствено на преговори во Кабинетот, изјави Величкова.

Претседателот на Здружението за судска администрација Борче Мирчески посочи дека разликата во платите меѓу оние кои се хиерархиски највисоко и оние кои се најниско поставени, е голема и порача дека вработените во судската администрација нема да се откажат од барањата и дека зголемувањето што го бараат е законски и оправдано.

-Ја повикувам Владата да ги отпочне преговорите, но во тие преговори задолжително да ги вклучи претставниците на Здружението на судска администрација и претставниците на Независниот синдикат. Не може некој подобро да ја знае нашата ситуација. За жал, вработените во судската администрација никогаш не барале повеќе од што заслужуваат, меѓутоа за жал, никогаш не го добиле она што го барале, рече Мирчески. ра/бак/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан