• понеделник, 23 декември 2024

Симовски: На крајот со обработката нема да има изоставено ниту едно лице со пописот

Симовски: На крајот со обработката нема да има изоставено ниту едно лице со пописот
Скопје, 19 октомври 2021 (МИА) - Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека нема значаен неопфат со пописот и оти на крајот со обработката нема да има изоставено ниту едно лице. Истакна оти е значајно дека методот штo го користат дава можност и овој евентуален неопфат да биде покриен, бидејќи, како што рече,  ги користат и базите на податоци каде ги има сите наши граѓани. - Она по што се раководиме кога спроведуваме одредено статистичко истражување е да имаме концепт како ќе го следиме опфатот на сите единици на тоа истражување, а исто и на пописот. Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување каде се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно не е испуштен ниту еден. Да, се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, меѓутоа се обидувавме повеќе пати да ги побараме, остававме телефонски броеви, за да исконтактираат со попишувачите, немаме воопшто значаен неопфат со пописот, изјави Симовски по настанот посветен на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“. Нагласи дека секогаш е можно да го има и во најсовршените системи, но тоа што во моментов го очекуваат бидејќи се уште не е завршена обработката, е дека овој неопфат ако воопшто го има, е минимален. Конечните резултати од пописот, потсети тој, ќе ги очекуваме за период од шест месеци од завршувањето на пописот. Најдоцна во март, рече Симовски, очекуваме да ги објавиме, но ако успеат да постигнат и порано, нема да чекаат. - Работите на обработката започнаа веднаш по завршувањето на пописот и ќе траат до оној период кога ќе бидеме подготвени да ги објавиме и во јавноста. Тоа е процес кој е неминовен после секоја статистичка операција и е дел од целокупниот процес на оваа операција, рече Симовски. Во однос на оние кои го бојкотираа пописот и за кои беа најавени казни рече дека тие случаи ги процесуирале, а други институции треба да преземат мерки. Одговарајќи на прашање на МИА, за искуствата на Шведска која спроведува попис целосно базиран на регистри, Симовски рече дека ние во моментов не ги исполнуваме трите клучни услови за да се овозможи таква операција. - Нашата цел секогаш била да го употребиме овој метод кој во моментов е најсовршен, но за тоа е потребно да се исполнат три предуслови клучни – прво добар адресиран регистар што го немаме, второ да имаме идентитет помеѓу официјалната адреса во нашите документи и она каде навистина живееме и трето да знаеме конкретни и точни инфромации за сите граѓани кои не живеат во земјата, а се наоѓаат надвор од државата. За жал сите три елемтни не се исполнети во овој момент и не можевме да примениме таков метод. Инаку, сите би сакале тоа да го направиме – прво е наједноставен, најевтин, веднаш ги имате резултатите, рече Симовски. аа/мс/

Остани поврзан