• понеделник, 23 декември 2024

СЗО: Нетранспарентноста на Кина за Ковид-19 е „неоправдана“

СЗО: Нетранспарентноста на Кина за Ковид-19 е „неоправдана“

Виена, 6 април 2023 (МИА) – Највисокиот експерт на Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19 ги опомена кинеските научници дека три години задржуваат податоци од примероците на вируси од Вухан, објави американското списание „Сајнс“ (Science).

- Недостигот на откривање податоци е едноставно неоправдано, рече Марија Ван Керхове, во невообичаено остра критика, јави ДПА.

СЗО само во средината на март годинава прими податоци за одредени генетски информации од централната кинеска метропола, откако кратко време беа достапни преку меѓународна база на податоци.

Податоците даваат важни индикации за пазарот во Вухан и првичното ширење на вирусот, според епидемиологот. Тестовите на крвта на работниците од сточните пазари во Вухан или од фармите на потеклото на животните сè уште се неопходни, додаде таа.

Експертот побара итно да с достават релевантни податоци за потеклото на вирусот. Колку повеќе време поминува, толку потешко станува истражувањето што е важно за спречување на идни епидемии, рече таа.

- Времето истекува, предупреди Ван Керхове.

Изјавите на директорот на ФБИ Кристофер Вреј на почетокот на март повторно ги разгореа шпекулациите во САД за лабораториска грешка во Кина како потекло на коронавирусот.

Ван Керхове нагласи дека сите хипотези за потеклото на вирусот ќе останат во оптек сè додека Кина не обезбеди доволно информации. На пример, Кина сè уште ги нема дадено резултатите од своите лабораториски тестови. СЗО, исто така, сè уште нема пристап до необработени податоци за првите случаи на коронавирус во Кина, истакна таа. јт/

Фото: Скриншот sience.org

Остани поврзан