• недела, 22 декември 2024

СЗО: Во Уганда 29 лица починаа од ебола, меѓу нив и здравствени работници

СЗО: Во Уганда 29 лица починаа од ебола, меѓу нив и здравствени работници
Женева, 5 октомври 2022 (МИА) - Дваесет и девет лица, меѓу нив четворица здравствени работници, починаа од ебола во Уганда, откако пред две недели властите прогласија епидемија во централниот дел на земјата, соопшти денеска Светската здравствена организација. - Вакцините што успешно се користат за да се спречат неодамнешните епидемии на ебола во ДР Конго, не се ефикасни против типот на вирусот ебола што ја предизвика оваа пандемија, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој зборуваше на темата на прес-конференција. - Сепак, неколку вакцини против овој вирус се во различни фази на развој, од нив две може да започнат клинички испитувања во Уганда во наредните недели, во очекување на регулаторни и етички одобренија од Владата на Уганда, појасни тој. Идентификувани се вкупно 63 потврдени и веројатни случаи. Меѓу нив се 29 смртни случаи. Според Тедрос, „десет здравствени работници биле заразени, а четворица починале“. Министерката за здравство на Уганда, Џејн Рут Асенг Осеро на Твитер информираше за денешната смрт на 58-годишен анестезиолог. - Кога има доцнење во откривањето на епидемија на ебола, нормално е најпрво случаите постојано да се зголемуваат, а потоа постепено да се намалуваат, додека не се применат интервенции за спасување животи и мерки за контрола на епидемијата, посочи Тедрос. Вирусното заболување ебола често е смртоносно, но сега се достапни вакцини и третмани за оваа хеморагична треска што се пренесува на луѓето од заразени животни. СЗО ослободи два милиона долари од својот резервен фонд за итни случаи и работи со партнерите за да им помогне на властите да ја засилат реакцијата со испраќање специјалисти и медицински материјали. Првите случаи во Уганда беа регистрирани во областа Мубенде во централниот дел на земјата, а потоа се распостранија во соседните области Касанда, Киегегва и Кагади. Минатата недела претседателот Јовери Мусевини отфрли каков било карантин. Тој смета дека земјата има капацитет да ја контролира епидемијата. бд/ссм/

Остани поврзан