• недела, 17 ноември 2024

Се што ветувам е реално остварливо, порача Јовановски вечерва од Кичево

Се што ветувам е реално остварливо, порача Јовановски вечерва од Кичево
Кичево, 29 октомври 2021 (МИА) - Се што ветувам е реално остварливо, порача вечерва, на последното обраќање пред изборниот молк, кандидатот за градоначалник на Општина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Александар Јовановски во најголемата градска населба Ламели. Тој им се заблагодари на сите кои во првиот круг го дадоа гласот за него и ги повика и во вториот изборен круг уште помасовно да излезат и да гласаат за број 7. -Во изминатиов период се сретнав со многу луѓе, остварив средби со граѓани со разни судбини, богати и сиромаси и од сите националности. За последен пат пред овие избори ви тврдам дека се што ветив и ќе го остварам. Не сум човек што ветува, но кога ќе ветам бидете уверени и дека ќе го исполнам. Ќе работам за Кичево за доброто на сите вас. Нема да ве делам по национална или верска припадност. Ќе бидам отворен за сите вас да ги сослушам вашите проблеми и час поскоро да ги решиме, истакна кандидатот за градоначалник Јовановски и ги повика граѓаните во недела уште во претпладневните часови да излезат во уште поголем број од претходниот и да гласаат. Пред насобраните граѓани во населбата Ламели се обрати и Владо Мисајлоски, потпретседател на ВМРО –ДПМНЕ. -Се радувам на секоја наша победа и на секој наш успех, но да ми верувате дека ќе бидам најсреќен ако овој пат победиме во Кичево. Јас неодамна дознав дека мојата мајка детството, до 10 години, го поминала во Кичево и затоа со уште поголеми емоции го очекувам неделното гласање. Ги повикувам уште еднаш сите граѓани на Кичево и општината во недела да излезат и да гласаат за нашиот кандидат Александар Јовановски, бидејќи се работи за проверен човек и хуманист кој се ќе направи Кичево да биде посакуван град за живот  и по мерка за сите, рече Мисајлоски.за/вј/

Остани поврзан