• вторник, 26 ноември 2024

Се бара финансирање на проекти, се ветува пониска инфлација и одржлив раст со соодветни политики и реформи

Се бара финансирање на проекти,  се ветува пониска инфлација и одржлив раст со соодветни политики и реформи

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) -  Пораки за одржување на макроекономската стабилност, одржлив раст со соодветни политики и реформи, натамошно намалување на инфлацијата со едноцифрен износ на крајот на годината, но со водење претпазливи политики поради продолжените и новите кризи, упатија претставниците на државните финансиски институции пред инвеститорите и банкарите на годинашниот „Ерсте инвеститорски појадок“, што се одржува денеска во Скопје. 

-Главни пораки што треба да ги очекувате од политиките на Владата е дека имаме јасна определба дека после кризите фискалната консолидација е клучна работа што заедно со Народната банка треба да ја овозможиме за стабилизирање на макроекономската стабилност. Јасна порака до сите инвеститори надвор од државава дека одржуваме макроекономска стабилност, што ќе значи стабилност на нашата работа и на деловната клима, како и поволности, порача министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој истакна дека нема да престане и поддршката на најранливите категории граѓани во услови на криза. 

-И покрај се мораме да обезбедиме одржлив раст со политики и реформи што ќе ни го обезбедат тоа, наведе Бесими на настанот на кој претставници на банки, стопанственици, академската заедница и државните институции разговараат за можностите за инвестиции, механизмите за стабилизирање и натамошно намалување на инфлацијата во услови на постојани кризи и најновите геополитички случувања. 

Бесими ги претстави економските политики  и проекциите за наредниот период  со оглед на подготовките на буџетот за следната година, истакнувајќи дека е важно што од двоцифрена инфлација во износ од 19,8 проценти минатата година во септември имаме 6,6 проценти.

-Во ноемви - декември ќе биде на пониска, за на годишно ниво да се заврши со едноцифрена инфлација што од аспект на макроекономските политики е важна порака за стопанството и банките,  рече Бесими во изјава за медиумите пред настанот. 

Пред потенцијалните инвеститори тој посочи дека структурата на Буџетот во последните четири години се менува во полза на капиталните расходи, но дека има многу предизвици како најсоодветно да се дизајнираат мерки за да се одговори на нив за да се мотивира приватниот сектор да инвестира. 

-Клучно е инвестициските проекти и идеи да најдат соодветно финансирање, да има инвестиции и отворање нови работни места, зголемување на производството и извозот.  Со тоа на одржливо ниво ќе имаме зголемен раст, зголемени плати и забрзана динамика и на подобрување на квалитетот на живот. Важно е реалниот раст на платите да биде одржлив и тоа да се одрази на продуктивноста и конкурентноста на економијата, оцени Бесими. 

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска порача дека домашната инфлација и натаму се намалува, но треба да се продолжи со претпазливи политики.

-Инфлацијата во домашната економија и натаму забавува кај сите нејзини компоненти, и тоа посилно во однос на забавувањето на просечната инфлација во ЕУ, со што и јазот помеѓу стапката на инфлација кај нас и во еврозоната се стесни од 9  процентни поени минатата година на околу 2  процентни проени. Сепак, новото глобално окружување и натаму е придружено од многу предизвици за нашата мала и отворена економија, што наметнува потреба од внимателност на макроекономските политики и спремност за натамошно соодветно приспособување заради ценовната стабилност, којашто е и предуслов за одржлив раст, рече Бежоска. 

Минатата година светската инфлација се искачи на највисокото ниво во изминатите 25 години, што беше особено изразено кај економиите во развој, кога во најголемиот број од нив инфлацијата достигна двоцифрени стапки. Сето ова придонесе за најкоординираното затегнување на монетарната политика во историјата од страна на 95 проценти од централните банки, вклучително и од Народната банка. Преку соодветна комбинација од мерки, вклучувајќи интервенции на девизниот пазар, постепено зголемување на основната камата и интервенција кај задолжителната резерва, како и поддршка на монетарните сигнали преку макропрудентните мерки, инфлацијата е намалена за две третини од највисокото ниво во октомври 2022 година од 19,8 проценти, на 6,6 проценти во октомври годинава на годишно ниво. Учеството на стоките и услугите, со раст од над 10 проценти во инфлацискиот индекс, е намалено на 29 проценти, од околу 70 проценти минатата година. Исто така, и кај инфлациските очекувања се забележува стабилизирање.

Ангеловска-Бежоска потсети дека стабилноста на банкарскиот сектор е од суштинско значење за централните банки, за да можат непречено да ги спроведат потребните политики за закотвување на инфлациските очекувања.

За непречено дејствување на централните банки за исполнување на нивниот основен мандат ‒ зачувувањето на ценовната стабилност, посочи таа, се потребни отпорност на банкарскиот и корпоративниот сектор, ефективни макропрудентни мерки, како и квалитетна супервизија. Македонскиот банкарски сектор, како што оценува, покажува висок степен на отпорност, со стапка на адекватност на капиталот на највисоко ниво од 2007 година наваму, од 18 проценти и добар квалитет на портфолиото со историски најниско учество на нефункционалните кредити од 2,8 проценти. Сепак, со оглед на ризиците, и натаму има потреба од внимателност и евентуално преземање дополнителни макропрудентни мерки со кои би се намалила веројатноста за стрес во финансискиот систем и следствено, би се зголемил просторот за делување на монетарната политика, укажа гувернерката.

Нина Недановска, потретседател на УО на Шпаркасе банка, банката организатор на традиционалниот настан, наведе дека главниот притисок врз националната инфлација го предизвикуваат увозните цени на храната, струјата и нафтата. Иако инфлацијата несомнено е доминатно увезена сепак,  посочи таа, не треба да ги игнорираме можните домашни фактори колку и да изгледаат мали во одреден момент.

-Инфлацијата ги зголеми трошоците за бизнисите, придинесе за повисоки трошоци за зголемување на платите на вработените за истата продуктивност, што секако доведува до помали маржи на продадените добра, рече таа, посочувајќи дека покрај монетарните и фискалните политики и владините мерки и банката се вклучила со свои мерки за поддршка на локалната економија и граѓаните. лв/ев/

Остани поврзан