• понеделник, 23 декември 2024

СЕФ 2022: Потребна е итна социјална и еколошка трансформација на земјите од регионот

СЕФ 2022: Потребна е итна социјална и еколошка трансформација на земјите од регионот
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Живееме во време на контрадикции. Од една страна потребни ни се глобални решенија, а истовремено сведочиме дека структурите и институциите кои ни се потребни за да дојдеме до глобални решенија ни се ослабнати. Потребни ни се глобални правно-обврзувачки заклучоци и одлуки за социјално еколошка трансформација, истакна претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц на вториот Социо-еколошки форум (СЕФ). Шулц ја потенцираше важноста и итната потреба од социјална и еколошка трансформација на земјите од регионот, нагласувајќи ја можноста за блиска соработка со европските институции при имплементација на политиките од сферата на животната средина, со цел поефикасно надминување на предизвиците во контекст на зелената агенда. - Потребни се глобални решенија, а истовремено сведочиме дека структурите и институциите кои ни се потребни да дојдеме до глобални решенија се ослабнати. Потребна е меѓународната соработка, особено улогата на ОН која е под закана, особено тешко е да се дојде до заеднички обврзувачки заклучок меѓу светските учесници. Советот за безбедност на ОН се наоѓа во апсурдна ситуација со оглед на тоа дека државата која ги предизвикува проблемите може да ги блокира одлуките, како што е случајот со Русија која ги прекршува меѓународните правила, нагласи Шулц. Тој смета дека тоа е причината зошто државите се свртени кон национални решенија што доведува до хетерогена ситуација. - Мора политички да инвестираме се што е потребно во оваа социјално-еколошка трансформација, треба да им се каже на граѓаните дека ќе дојде до промени особено заради војната во Украина, која директно влијае врз порастот на цените на енергенсите и храната, и затоа ни требаат долгорочни стратегии ако сакаме да се справиме со овие проблеми, вели Шулц. Тој се осврна и на евроинтеграциите на земјите од регионот и нагласи дека Европската Унија мора да сфати дека Европа не се само на државите членки на ЕУ. - ЕУ има огромни средства и не би требало да биде проблем да одвои средства за особено погодените држави од ваквата состојба. Треба гласно да говорите пред државите членки на ЕУ дека не може да има и не смее да има двојни стандарди. Можам да кажам дека Северна Македонија ги исполни сите услови особено по потпишувањето на договорот од Преспа, рече Шулц. Косовскиот премиер Албин Курти во своето обраќање на собирот истакна дека каква било криза бара соработка. - Надминувањето на сложени проблеми, бара градење силни сојузништва за да изградиме отпорни општества во Европа и пошироко. Верувам дека енергетската криза може да се надмине само доколку бараме решенија за регионот, а не само за нас, како поединечни решенија, нагласи Курти. Тој рече дека косовската Влада ги поставува новите основи за идниот енергетски сектор со цел да обезбеди чиста енергија, енергетска ефикасност, активно учество на граѓаните и обезбедување поддршка за ранливите групи. - Ако зборуваме за силна регионална соработка, Косово се залага за исполнување на сите свои обврски според договорот за енергетска заедница и создавање слободен и конкурентен пазар на електрична енергија. Работиме и на интегрирање на пазарите, за нас е особено важна интеграцијата со албанскиот енергетски пазар. Сите сме во процес на енергетска транзиција и трансформација треба само да обезбедиме непречена трансформација, но да обезбедиме правична транзиција. Треба да имаме енергетска политика што ќе обезбеди енергија која граѓаните ќе можат да си ја дозволат. До 2031 ќе изградиме 14 илјади мегавати моќни соларни капацитети. Треба да се зголемат инвестициите во енергетско ефикасни домаќинства и ефикасни системи за загревање, рече Курти. Поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Ан Линде стави акцент на социјалната кохезија како клучна компонента при создавање на социјална рамка која ќе гарантира инклузивност во општествата каде економско-енергетската криза најмногу ги погодува социјално ранливите групи. Таа нагласи дека прашањата за животната средина и безбедност постојано имаат зголемен интерес. - Социјалниот развој мора да биде главна компонента во тој процес. Потребна е целосна трансформација на нашите општества, особено во Југоисточна Европа каде предизвикот е уште поголем. До 40 отсто од населението во овие земји не можат да ги затоплуваат своите домови. Климатската транзиција е најважниот предизвик, бидејќи има социјални и економски последици, што значи ќе влијае врз секојдневието на граѓаните особено во контекст на работните места, рече Линде. Таа потенцира дека транзицијата мора да гарантира место за граѓаните на работниот пазар и од таму праведната транзиција мора да ги земе предвид и новите вештини кои треба да се обезбедат за да се дојде и до нови работни места, со оглед на фактот дека многу ќе бидат и изгубени. - Прогресивното движење може да биде најважната сила во постигнувањето на праведната транзиција, не гледајќи на енергетската транзиција како на непријател, заклучи поранешната шведска министерка за надворешни работи Ан Линде. Генералниот секретар на Социјалистичка партија од Албанија, Дамијан Ѓикнури нагласи дека она што го прави Албанија не е поразлично од предизвиците на другите земји. - Албанија зависеше само од еден извор, хидроенергијата, што претставува ранливост во овие кризни времиња - тоа ја нагласи важноста од потреба од повеќе извори на енергија. Главната политика на сите земји од регионот и Европа треба да биде комбинирање на тие различни извори со што би станале и компетитивни на енергетскиот пазар, рече Ѓикнури. Социо-еколошкиот форум е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Mеѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија. мс/сп/

Остани поврзан