• вторник, 24 декември 2024

Сердар Акар нов режисер на серијата „Балканска приказна“

Сердар Акар нов режисер на серијата „Балканска приказна“
Скопје, 28 јули 2022 (МИА) - Сердар Акар, продуцентот и режисер на телевизиската серија „Збогум Румелија“, е новиот режисер на „Балканска приказна“ - серија што се емитува на Турската национална телевизија ТРТ 1, а веќе неколку месеци се снима во Скопје. Акар со филмовите што до сега ги има снимено и со напишаните сценарија, освои награди во Турција и странство. - Не се чувствувам како странец во Македонија. Додека ја снимавме „Збогум Румелија“, раскажувавме за животот на луѓето овде пред сто години. Тие беа тие што требаше да си заминат, се подготвуваа за емигрирање. Денес во „Балканска приказна“ се раскажува за тие што останаа во Македонија. Освен тоа, задоволство е повторно да се биде во ист проект со луѓето со кои порано сме работеле. Уште попријатно е да се сретнеме на Балканот. Затоа што гласот на радоста е силен на овие простори. Најубавите години од животот ги поминав во Македонија. Ќерка ми се вика Балкан, претпоставувам самото тоа покажува колку сум среќен што имам можност повторно да работам овде на Балканот, истакна режисерот Акар. Акар беше и режисер и продуцент на серијата „Збогум Румелија“. Сега, за „Балканска приказна“ вели дека раскажува сосема различно дејствие за две различни семејства од две различни националности. - „Балканска приказна“ прикажува дејствија кои се случуваат денеска во реално време. Скопје е град поделен на два дела. Турците и Албанците од едната страна на Вардар и Македонците од другата страна. Колку и Вардар да го дели градот, сепак тие живеат заедно. Но, сепак тие се различни и знаат како да живеат со нивните разлики и да ги прифаќаат меѓусебно. Нашата серија раскажува приказна за две семејства кои научиле да живеат поинаку, вели Акар за серијата Балканска приказна. Според него, не е лесно да се снима ТВ серија во Скопје како главен град на државата, но сепак е среќен што наидуваат на големо разбирање од локалното население. Од друга страна пак, актерската екипа го засака Скопје, и како што вели, многумина од нив веќе воспоставиле добри пријателства со луѓето овде. „Балканска приказна“ е една од најамбициозните продукции за Турција снимена во странство, а се прикажува секој втор ден на Турската национална телевизија, со почеток во 20:00 часот. Актерите Ердал Озјаџилар и Озлем Туркад ги делат главните улоги со Емре Беј и Мерих Озтурк во серијата заедно со актерскиот тим Хакан Бојав, Сузан Акбелге, Џан Колукиса, Сарп Бозкурт, Ѓозде Чиаџи, Дениз Ѓуркан, Емине Халил, Бурак Рахман, Сулејман Кара, Каан Тургут, Ерман Шабан, Џенап Самет и Бену Шахин. Сценариото е напишано од Угур Узунок, Нурулах Севимли, Абдулхамид Ишик и Есма Коч. Продуценти се Јалчин Ари и Угур Узунок, а линиски продуцент на серијата е Богдан Јончевски. Локален партнер е „Сити Стар Продукција“. бт/ац/

Остани поврзан