• понеделник, 23 декември 2024

Седум години од катастрофалниот пожар на Трескавец, водовод до Манастирот уште нереализиран

Седум години од катастрофалниот пожар на Трескавец, водовод до Манастирот уште нереализиран

Прилеп, 4 февруари 2020 (МИА) -Точно седум години навршуваат денеска од катастрофалниот пожар што на 4 февруари 2013 година ги пеплоса конаците на манастирот Трескавец кај Прилеп. Речиси е при крај обновата на конаците, што ја презеде српската фирма „Кота“, но водоводот до Манастирот, проект на прилепската локална самоуправа, од 2012 година чека на реализација. Без изградбата на водоводот, комплексот не може официјално да биде пуштен во употреба.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека локалната самоуправа целата документација ја препратила до Министерството за транспорт и врски и се надеваат дека проектот вреден 6 милиони денари ќе биде прифатен и финансиран.

Изградбата на конаците е во завршна фаза. Есента главно се работеше на интериерот, зимава е пауза зашто е невозможно да се работи на преку 1.200 метри надморска височина, а пролетта ќе донесе нови активности. Конаците се градат со пари од државниот буџет, преку Министерството за култура. Но Конаците не може да бидат пуштени во употреба без да се изгради водоводот.

Единствениот жител во Манастирот, отец Калист е со огромни надежи и објаснува каква е замислата за решавањето на прашањето со водоводот, особено затоа што се решија и другите барања - соодветна противпожарна заштита на комплексот што во историјата доживеал три катастрофални пожари.

-Проектот за водоснабдувањето е готов уште во 2012 година, изготвен од прилепската локална самоуправа. Станува збор за изградба на каптажа во Расадникот. Тоа е старата чешма што ја изградил уште 1827 година Христо Бомбол од Прилеп. Оддалечен е околу 500 метри од манастирот и водоводот треба да се качи до Трескавец, низ карпите каде треба да биде изграден новиот резервоар со капацитет од околу 90 метри кубни вода, објасни уште во ноември отец Калист кој се надева дека, доколку напролет се обезбедат средства, ќе може до празникот „Голема Богородица“ (на 28 август) да се пуштат во употреба обновените конаци.

Трескавец е вековно, култно, духовно место за жителите од Пелагониско. Уште од антиката, преку средновековието, на луѓето им ја дарувал духовната сила преку силните верувања. Го посетуваат туристите и поклониците од сите континенти.ем/бт/

Остани поврзан