• понеделник, 02 март 2026

Седмото продолжение на „Вресок“ го помести рекордот на гледаност

Седмото продолжение на „Вресок“ го помести рекордот на гледаност

Вашингтон, 2 март 2026 (МИА) - Филмот „Вресок 7“(Scream 7) без тешкотии се искачи на врвот на листата на заработки од кино прикажување, симнувајќи го од првото место минатонеделниот шампион „Оркански височини“ (Wuthering Heights).

„Седмото продолжение на долгогодишната „слешер“ франшиза во петокот заработи 28,8 милиони долари, прикажувајќи се во 3.540 киносали ширум Северна Америка. Продукциската и дистрибутерска куќа Парамаунт Пикчрс (Paramount Pictures) заедно со Спајглас медиа груп (Spyglass Media Group) очекуваат заработка од 60 милиони долари до крајот на премиерата, што би претставувало најуспешно отворање во историјата на серијалот“, напиша специјализираното списание за филмската, телевизиската, музичката и забавната индустрија Варајети (Variety)

Во „Вресок 7“ се враќа ликот на Сидни Прескот, која повторно ја толкува Нив Кембел. Во новото продолжение, Сидни се преселува во малото гратче Пајнг Гроув со намера да започне мирен живот со својата ќерка, обидувајќи се да го остави зад себе насилното минато. Но нејзината надеж за спокој брзо се распаѓа кога маскираниот убиец Гоустфејс повторно се појавува, заканувајќи се дека ќе уништи сè што таа се обидела да изгради.

 

Покрај Кембел, во филмот настапуваат и дел од оригиналната актерска екипа: Кортни Кокс, Дејвид Аркет и Метју Лилард. Во актерската постава се и Изабел Меј, Џесмин Савој Браун, Мејсон Гудинг Ана Кемп, Џоел Мекхејл и Мекена Грејс.

Иако „Парамаунт Пикчрс“ се подготвува за значителен финансиски успех, патот до реализацијата на „Вресок 7“ бил исклучително турбулентен. Претпродукцијата имаше сериозни предизвици, меѓу кои и заминувањето на актерките Мелиса Барера и Џена Ортега, како и значајни промени во креативниот тим.

Оригиналниот сценарист на франшизата, Кевин Вилијамсон, ја презеде режисерската палка од Кристофер Лендон, што претставуваше една од значајните промени во продукцијата.

Дополнително, според „Варајети“, компаниите „Парамаунт Пикчрс“ и „Спајглас медиа груп“ морале да издвојат дури 7 милиони долари за да го обезбедат враќањето на Нив Кембел, откако актерката поради спор околу хонорарот одлучи да не учествува во претходниот филм „Вресок 6“. мв/ сд/

Фото: Википедија

 

Остани поврзан