• недела, 22 декември 2024

Северозападниот дел на БиХ се уште е зафатен од поплави, вонредна состојба во неколку градови

Северозападниот дел на БиХ се уште е зафатен од поплави, вонредна состојба во неколку градови

Сараево, 17 мај 2023 (МИА) - Северозападниот дел на Босна и Херцеговина е најзагрозен од поплавите, а во неколку градови во тој дел од земјата е прогласена вонредна состојба.

Вонредна состојба е прогласена во Костајница и Нови Град во Република Српска, како и во Бихаќ, Босанска Крупа, Сански Мост, Цазин и Велика Кладуша во Федерацијата БиХ.

Управата за цивилна заштита на РС денеска соопшти дека специјалистички тимови на управата се ангажирани во Козарска Дубица, Костајница, Нови Град, но и во Градишка и Приједор за да им пружат помош на подрачјата загрозени од поплави.

Најлоша е состојбата во Нови Град каде вода навлегла во околу 40 станбени згради, а евакуирани се 23 лица. Наставата во основните и средните училишта е прекината, пренесува Бета.

Во РС е поплавен и автопатот „9-ти јануари“ од Бања Лука до Добој.

Во Федерацијата Босна и Херцеговина, најлоша е состојбата во Босанска Крупа, каде водостојот на реката Уна е највисок досега измерен на тоа место. Се уште не е познат точниот број на поплавени згради, но голем број домаќинства се евакуирани.

Повеќе од 800 станбени згради се опколени со вода и не може да им се пристапи.

Во Бихаќ се поплавени повеќе од 200 згради, а населбата Покој е отсечена од градот.

Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ изјави дека владата на ентитетот Босна и Херцеговина одвоила 500.000 конвертибилни марки (околу 250.000 евра) за Унско-санскиот кантон, погоден од поплави. ссм/

фото: Фејсбук

Остани поврзан