• понеделник, 23 декември 2024

Северна Македонија бара да види вистинска деескалација на терен од страна на Русија

Северна Македонија бара да види вистинска деескалација на терен од страна на Русија

Брисел, 16 февруари 2022 (МИА) – Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, учествува на министерскиот состанок за одбрана на НАТО во Брисел денеска, Северна Македонија го дели ставот дека Русија треба да покаже вистинско придвижување кон деескалација, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Русија вчера најави повлекување на дел од своите трупи околу Украина, за што сведочат и снимки, меѓутоа за земјите членки на НАТО овие најави не се доволни, како што објасни генералниот секретар на организација, Јенс Столтенберг утрово.

- Ако навистина почнат да се повлекуваат ние тоа ќе го поздравиме, останува да се види, тие секогаш ги движат силите назад и напред, но тоа не е потврда за вистинско повлекување, горе-долу, напред-назад. Трендот во последните недели и месеци е зголемување на руските капацитети близу украинската граница, и Русија ја задржува способноста за целосна инвазија без предупредување, изјави Столтенберг пред почетокот на состанокот на 30-те министри за одбрана на НАТО.

Министерката Петровска потврди дека и Северна Македонија не гледа вистинско повлекување.

- Политичките изјави се само чекор од таа деескалација, но знаете како, за да бидеме убедени во деескалацијата треба да видиме придвижување и на теренот. Тоа е тоа што го очекуваме и се надеваме дека во претстојниот период ќе го видиме, изјави министерката за МИА утрово пред почетокот на состанокот.

Во последните недели лидерите на земјите членки на Алијансата водат интензивна дипломатска активност со Русија и изразуваат надеж дека кризата помеѓу Русија и Украина ќе може да се реши на дипломатски начин, за тоа Алијансата сака гаранции. Со таа цел на крајот на јануари НАТО испрати и низа предлози до Москва за темите за кои е подготвена да разговара, но одбива да го прифати руското барање за целосно исклучување на членството на Украина во НАТО.

- Даваме до последно шанса на дијалогот, на дипломатското решение, како Алијанса и како министри имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека од овој состанок ќе произлезе е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките во таа насока, рече министерката за одбрана Петровска.

НАТО ќе ги прими денеска и министрите за одбрана на Украина и Грузија за да дискутираат за безбедносната состојба и нивниот територијален интегритет. Вчера германскиот канцелар, Олаф Шолц, стави до знаење дека членството на Украина во НАТО не е маса во догледен период.

Шефот на Северноатлантската алијанса Столтенберг нагласи дека оваа одлука им припаѓа само на земјите членки и земјите кандидати, и дека Русија нема право да се меша.

- На 30-те сојузници е да одлучат, не одлучува Русија кој е земја членка на НАТО, тоа јасно го кажавме, треба да се почитува правото на секоја нација да го одбере својот пат, дали сакаат или не, но НАТО не може да потпише правно обврзувачки договор со Русија кој ќе гласи дека нема да има натамошно проширување на НАТО, изјави Јенс Столтенберг.

Во меѓувреме сите напори се вложуваат за изнаоѓање дипломатско решение а најавите од Москва влеваат „умерен оптимизам“, додаде генералниот секретар, кој сепак истакна дека НАТО се подготвува и за најлошото истовремено.

- Подготвени сме да седнеме но истовремено се подготвуваме и за најлошото, ако има руска инвазија на Украина ќе платат висока цена, рече генералниот секретар.

Македонската министерка од своја страна увери дека што се однесува до безбедноста на Северна Македонија, ситуацијата е под контрола и стабилна.

- Во овој момент не постојат реални закани за безбедноста на нашата држава. Таа е стабилна, институциите се разбира секоја во својата надлежност се подготвени и работат на тоа, изјави министерката за одбрана. тм/нд/

Остани поврзан