• вторник, 19 ноември 2024

СДСМ: Времено и условено зголемување на акцизата на горива за 3 денари, парите одат во Буџетот за справување со последиците од коронакризата

СДСМ: Времено и условено зголемување на акцизата на горива за 3 денари, парите одат во Буџетот за справување со последиците од коронакризата
Скопје, 22 април 2020 Владата на Република Северна Македонија, согласно претходно направените анализи на Министерството за финансии и Царинската управа донесе уредба за времено и условено зголемување на акцизата на горивата за три денари за време на вонредната состојба и седум месец по истекувањето на вонредната состојба, како резултат на намалување на цените на нафтата на странските берзи и на потрошувачката на гориво. Би сакале да напомениме, дека се работи за антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво. Многу поважно, трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати, одат директно во буџетот за поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните и за поддршка на нашиот здравствен систем. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берза, односно, во вонредна состојба на сегашната акциза се наплаќаат дополнително 3 денари, 2 денари или 0 денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи. Согласно уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“, како што е сега, тогаш ќе се пресметуваат дополнителни 3 денари на постојната акцизата. Ако цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметува 2 денари покачување на акцизата. Ако пак цената се врати на нивото од над 600 долари од тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде 0 денари. Практично ова би значело ако малопродажната цена на горивата се зголеми за 10 денари, на основната акциза ќе се пресметува зголемување од 2 денари. Ако малопродажната цена на горивата се зголеми за над 20 денари, акцизата ќе се врати на старо, односно ќе се пресметува 0 денари додаток. Со оглед дека станува збор за времено покачување, кое е уловено од цената на нафтата на светските берзи, напоменуваме дека оваа мерка во ниеден случај нема да има ценовни импликации. Всушност, од почетокот на годината малопродажната цена е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања се уште се намалува. Исто така треба да се земе во предвид и времениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи, односно, ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува. Само за споредба, нашата земја убедливо има најниски цени на нафтени деривати во регионот. Така, ако цената на безоловен еуросупер на 20 ти април во земјава изнесувал 48 денари литар, во Србија изнесувал 73,23 денари за литар, на Косово 74,6 денари за литар, во Албанија 82,46 денари, Грција 85,54 денари. Ова се цени кои се по 60, 70, па и 80% повисоки од кај нас. Само Бугарија во нашето окружување има цена која е поблиску до нашата и таа изнесува 57,85 денари по литар или скоро 10 денари повеќе по литар отколку кај нас. Ист е случајот и со еуродизелот. Ако кај нас е 45 денари по литар, на Косово е 72,62 денари, Грција 73,23, Србија 78,16 денари, Албанија 82,46 денари. Од окружувањето повторно најблиску до цената е Бугарија со 60,92 денари по литар или за третина повеќе во однос на цената кај нас. Ние имаме убедливо најниска акциза за еуродизелот од сите земји, додека заедно со Босна и Херцеговина и со Косово имаме најниски акцизи на еуросуперот. Дозволете ми уште еднаш да напоменам, се работи за антикризно, времено и условено зголемување на акцизата со една цел – диреткна инјекција за државниот буџет а тоа значи поголема поддршка на стопанството, социјалните мерки за поддршка на граѓаните но и повеќе средства за нашиот здравствен систем. Прес- конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан