• петок, 28 јуни 2024

Свечено отворена седмата „Текстилијада“ во Штип

Свечено отворена седмата „Текстилијада“ во Штип

Штип, 6 октомври 2023 (МИА) - Со откривање на делото „Корени на традицијата“ во присуство на амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска свечено беше отворена седмата „Текстилијада“ во организација на „Гласен Текстилец“. Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин која денеска беше дел и од интернационалниот форум „Презентација на падот и подемот на текстилната индустрија во градот Борос, Шведска истакна дека нејзината земја има долга традиција на социјален дијалог.

-Задоволство ми е што овде и Шведска преку финансиска поддршка преку Олаф Палме придонесуваат кон промоција на правата на работниците, пристојни работни услови и претставува пример како да се подобри социјалните дијалог, со цел да се постигне целта, вели Ларсон Јаин.

Посочи дека штипскиот текстилен сектор, работниците и локалната власт денеска слушнаа како се постигнал дијалог и развој на текстилната индустрија во шведскиот град Борос. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека на манифестацијата „Текстилијада“ гласно се говори за можностите, ни предизвиците за текстилниот сектор.

-Сакам да се заблагодарам на иницијаторот и организаторот на оваа „Текстилијада“, а тоа е „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, којашто еве и оваа година гласно ќе говори и ќе иницира сè што е поврзано со текстилната индустрија, ги знаеме и веќе ни се познати проблемите, но и предизвиците коишто пред нас стојат како да се подобрат правата во овој сектор, но и како да се овозможи сопствениците на капиталот во овој сектор да се ребрендираат и бидат поконкурентни, вели Јорданов.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ истакна дека текстилниот сектор и работниците можат да го слушнат директно искуството на текстилниот град Борос, кој бил во далеку полоша состојба, а сега е град во којшто оваа индустрија вработува, но и е едукативен центар за младите. Ова е направено преку социјален дијалог меѓу сите чинители.

-Борос во 60 и 70 години од минатиот век исто бил зависен како што е Штип, но седнале на маса и сега е водечки град во текстилен сектор, вели Ампева.

Вториот форум во текот на денот е на тема „Одржливата мода низ призмата на брендовите и концептот на Борос“, а во 19 часот во Дом на млади во Штип ќе има уметничка изложба изработена преку вештачка интелигенција, на тема: „Правдата на текстилните работнички“. Седмата „Текстилијада“ продолжува и утре со дебати и традиционалниот работнички пикник на локалитетот „Баргала“. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан