• четврток, 21 ноември 2024

Светот и донира на Албанија 1,15 милијарди евра

Светот и донира на Албанија 1,15 милијарди евра
Тирана/Брисел, 17 февруари 2020 (МИА) – Повеќе од успешна е меѓународната донаторска конференција која денеска се одржа во Брисел под мотото „Заедно за Албанија“, на која се собрани над милијарда евра, што ја „покрива целата фактура за обнова“ па дури и повеќе од предвиденото. Над 100 земји и финансиски институции од целиот свет се собраа во Брисел и доделија 1,15 милијарди евра грантови, заеми и проекти. - Ние денеска бевме сведоци на огромна храброст и солидарност со Албанија. Успеавме да собереме 1,15 милијарди евра за да и помогнеме на Албанија, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори, Оливер Вархеји на крајот од конференцијата. Албанскиот премиер Еди Рама не можеше да ја сокрие радоста од постигнувањето на целта, за која рече дека дури и не можел да замисли ваков исход. - Кога доаѓавме тука шпекулиравме со бројки, бидејќи потребата беше многу голема. Велевме дека ако достигнеме 40 отсто од целата сума, можеме да се вратиме дома задоволни, ако достигнеме 50 отсто од вредноста, може да сметаме дека сме успеале, додека над 50 отсто од сумата би било магија. Ова е надвор од фантазија, изјави Рама. - Дозволете ми да цитирам нешто од Библијата и Куранот каде се вели „затоа што во еден дух се крштеваме, во едно тело и сите доаѓаме со ист дух. Ако еден член страда, сите страдаат заедно, ако еден член е почестен, сите уживаат заедно“. Почестен сум и се надевам дека сите уживате заедно поради мене и Албанија. Не можам да заминам без да заклучам со Библијата и Куранот: Човештвото е единствен народ, рече Рама. Албанија очекуваше да обезбеди на конференција 350 милиони евра или заедно со поволни кредити 450 милиони евра. вт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан