• понеделник, 23 декември 2024

Сашо Донев избран за претседател на Советот на Општина Охрид

Сашо Донев избран за претседател на Советот на Општина Охрид
Охрид, 10 ноември 2021 (МИА) – Советот на Општина Охрид денеска ја одржа конститутивната седница во новиот состав. Со поименично гласање со 14 гласа „за“ советниците за претседател го именуваа Сашо Донев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Донев кој е магистер по политички науки за претседател на Советот беше предложен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше носител  на советничката листа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која извои најголем број од гласовите на неодамна одржаните Локални избори. -  Чест ми е да се обратам како Претседател на Советот на Општина Охрид. Да им се заблагодарам на граѓаните на Охрид коишто  со својот глас ни  овозможија тука да ги претставуваме  нив, нивните интереси и да работиме на  решавање на нивните проблеми. Како Претседател на Советот максимално ќе се залагам за заедничко решавање на проблемите  со сите советници  без разлика  од која политичка партија  доаѓаат. Имаме многу проблеми и заеднички сите ќе треба да  работиме на нивно решавање. Тука ќе завршам со своето обраќање бидејќи и во време на изборната кампања и пред тоа зборувавме многу. Сега е време сето ветено или кажано со збор да го преточиме во дело, рече Донев заблагодарувајќи се на советниците и од власта и од опозицијата кои гласаа да биде назначен на функцијата. Инаку, во новиот состав на 23-члениот Совет на Општината има десет советници на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, двајца од ДУИ, еден советник од Левица, како и по еден претставник од групите граѓани „Охрид пред се“ и „Охрид има план Б“. аб/аа/

Остани поврзан