• понеделник, 23 декември 2024

Сарацин за МИА: Целосно е нереално повторното отворање на Преговарачката рамка, Германија ќе биде против тоа

Сарацин за МИА: Целосно е нереално повторното отворање на Преговарачката рамка, Германија ќе биде против тоа

Струга, 16 јуни 2023 (МИА) - Целосно е нереално да се очекува дека повторно ќе ја отвораме Преговарачката рамка. Германија ќе биде против тоа, вели во видео - интервју за МИА специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

-Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и не може лесно да се смени потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка, вели Сарацин во интервјуто за МИА.

Прашан за неодамнешната лидерска средба меѓу премиерот Ковачевски и опозицискиот лидер Мицкоски, од која навидум има напредок, но и условувања и во тој контекст колку се реални барањата на опозицијата за одложено дејство на уставните измени, германскиот дипломат вели дека не може да ги коментира, бидејќи тој лично не разговарал со Мицкоски.

-Не сум зборувал со г. Мицкоски за точната содржина на овој предлог и затоа не можам да го коментирам. Можам само да кажам дека ние ќе се придржуваме до Преговарачката рамка и до вториот француски предлог и не гледам никаков простор за излегување надвор од ова. Затоа ќе мора да го прашате него или да ми го поставите ова прашање откако ќе имам можност да разговарам на одвоена средба со г. Мицкоски околу предлогот, посочува Сарацин во интервјуто дадено на маргините на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Струга.

Во видео - интерјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре, германскиот специјален претставник за регионов зборува и за значењето на резолуцијата на Бундестагот за Северна Македонија, со која се признава македонскиот јазик, идентитет и култура, за иницијативата на седум земји членки меѓу кои е и Германија за поголема примена на квалификуваното мнозинство при гласање во ЕУ кое би се однесувало и на проширувањето, како и за тензиите во Косово. вг/ац/

 

Остани поврзан