• понеделник, 18 ноември 2024

Санчез од ЕУ бара нов „Маршалов план“: Сега или никогаш

Санчез од ЕУ бара нов „Маршалов план“: Сега или никогаш
Мадрид, 5 април 2020 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез ја повика ЕУ да воспостави нова верзија на „Маршаловиот план“, со цел да се стимулира заживување на европската економија по здравствената криза. Тој во отворено писмо до сите лидери на ЕУ оцени дека Европа минува низ „најдлабока криза од Втората светска војна“ и побара мобилизација на значајните средства за заздравување на европската економија по пандемијата на Ковид-19. Лидерот на шпанската Влада оценува дека Европа и сега се наоѓа во војна со „невидлив противник“, што, според него, ја загрозува иднината на европскиот проект. - Европа мора да воспостави воена економија и да започне отпор, обнова и економско заздравување. За да го постигнеме тоа, мораме да мобилизираме значајни средства преку план, кој го нарековме нов Маршалов план. За тоа е потребна поддршка од сите земји членки на ЕУ, напиша Санчез. Конкретно, Санчез бара создавање европски механизам на гаранции за задолжувања, воспоставување заедничко купување на медицинска опрема и развивање план за брзо и силно заздравување на континентот. - Станува збор за сега или никогаш, бидејќи во прашање е иднината на Европа, заклучи шпанскиот премиер. Претходно претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја повика ЕУ да договори амбициозен буџет за следните седум години, кој, според неа, треба да има форма на нов „Маршалов план“, со цел да се поттикне заздравување на Европа од кризата предизвикана од новиот коронавирус. гт/

Остани поврзан