• сабота, 09 ноември 2024

Сали: Потребна е соработка со цел да се обезбедат услови за елиминација на вирусниот хепатитис

Сали: Потребна е соработка со цел да се обезбедат услови за елиминација на вирусниот хепатитис
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - „Јас не можам да чекам“ е мотото под кое веќе две години се одбележува процесот на елиминација на хепатитис, со цел да се нагласи потребата од зајакнување на борбата против вирусниот хепатитис и навременото тестирање и лекување, како најзначајниот фактор на ризик за појавата на рак на црниот дроб, истакна министерот за здравство Беким Сали на денешната Конференција посветена на елиминација на хепатитисот и редуцирање на црнодробниот карцином во земјата и Балканот. - Мора да соработуваме за да обезбедиме достапност на безбедно, доброволно, доверливо тестирање за сите кои сакаат да се тестираат и да обезбедат услуги за поддршка, вклучително и превенција и поврзаност со грижата. Превенција на хепатитис, рак на црниот дроб и заболувањата на црниот дроб се високо на агендата на Министерството за здравство, сепак, неопходно е да се посвети поголемо внимание на обезбедување континуитет во лекувањето и воведување нови терапии и дијагностички процедури особено сега, по КОВИД-19, истакна Сали во своето обраќање. Тој информираше дека Министерството заедно со сите вклучени чинители ја објавија Првата национална декларација за борба против ракот, со акцент на ракот на црниот дроб и индивидуалниот пристап во неговата дијагноза и превенција за лекување и елиминирање на хепатитис Ц, како и имунизација и третман на хепатитис Б. - Ракот на црниот дроб е трета најчеста причина за смртност од рак на глобално ниво. Речиси 900.000 луѓе починале од рак на црниот дроб во 2020 година. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) – Европа, во 2020 година во Европската Унија имало 98.787 новодијагностицирани лица со рак на црниот дроб, а 89.130 луѓе починале од оваа болест. Со оглед на етиологијата на болеста и познатите фактори на ризик, евидентна е улогата на скрининг и рана дијагноза за откривање на хепатоцелуларен карцином во раните фази на болеста. Резултатите од третманот и одржувањето на квалитетот на животот на пациентите се исто така многу подобри, посочи министерот. Како што истакна тој во своето обраќање, во овие две години, Програмата за рано откривање на малигни заболувања првпат вклучува промотивни активности за превенција и рана дијагноза на хепатоцелуларен карцином во рамките на новиот Центар за заболувања на црниот дроб, што се подготвува и ќе биде дел од Универзитетска клиника за гастрохепатологија со мултидисциплинарен пристап. Министерот соопшти и дека Клиниките за гастрохепатологија и за инфективни болести се обезбедени со буџет за терапија на хепатитис Ц. На Клиниката за онкологија и радиотерапија е одвоен буџет за најсовремен третман на болните од рак на црниот дроб. - Хепатокарциномот кај нас во повеќе од 50-60 проценти од случаите е последица на цироза на црниот дроб предизвикана од хепатитис, вели Сали и додаде дека во тек е техничкиот процес за донација на фибро скен од Европската асоцијација на пациенти со заболување на црниот дроб (ЕЛПА). Овој уред, како што посочи е значаен, бидејќи нуди можност за попрецизна евалуација на структурата на црниот дроб, што според министерот е суштинско за побрзо и полесно дијагностицирање на болестите. Во своето обраќање министерот Сали заклучи дека оваа конференција ќе обезбеди можност вирусниот хепатитис да се адресира преку превентивни кампањи, организации, даватели на здравствени услуги, здравствени системи и меѓународни организации низ целата земја и да се направи увид во нивната ситуација со цел да се решат овие прашања. Конференцијата „Балкански состанок на VHPB – Елиминација на вирусниот хепатитис во балканските земји: научени лекции и патот напред е во организација на Хепар Центар Битола. На настанот присуствуваат околу 70 странски гости од познати европски и американски универзитети, претставници од СЗО и други. ки/сп/

Остани поврзан