• понеделник, 23 декември 2024

Саем на книга од 3 до 9 мај, најавено учество на над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот

Саем на книга од 3 до 9 мај, најавено учество на над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот
Скопје, 28 април 2022 (МИА) - Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија ќе се претстават на годинешното 34-то издание на Саемот на книга што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ од 3 до 9 мај. Фокусот годинава е ставен на детската литература односно на привлекување на најмладите читатели. На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти. Сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година. Како што информираше на денешниот брифинг извршната директорка на Саемот на книга, Даниела Глигорова, освен редовниот термин на одржување, се очекува годинава на да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. -Во принцип Саемот на книга не замре, дури ни во пандемија кога не се одржуваа настани, и тоа најмногу благодарение на издавачите, но и благодарение на Министерството за култура кое во континуитет го поддржува Саемот на книга. Истовремено тие две години Саемот се одржуваше на отворено затоа што рестриктивните мерки не поддржуваа поинаков начин на одржување. Оваа година го враќаме Саемот во пролетниот термин, термин кој Саемот го држи изминативе 34 години, и кој што е најверојатно и најпогоден за одржување на оваа манифестација, рече Глигорова. Таа напомена дека како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот, како што рече, ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца. Исто така, по повод Денот на македонскиот јазик - 5 Мај, на Саемот ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!” кој е најавен за во 19.00 часот во промотивниот центар во арена „Борис Трајковски“. Настанот е во организација на „Арс Ламина“ - Скопје. На промотивниот настан ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев. Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ). Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот Културен Центар „Јунус Емре”. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја. Како што додаде Глигорова, електронските билети за Саемот можат да се купат преку веб страницата „www.karti.com.mk“ кои се достапни веќе од вторник, 26 април, а за време на Саемот билети ќе можат да се купат и на билетарата на арена „Борис Трајковски“. Саемот на книга е под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија.бт/дма/  

Остани поврзан