САД со санкции против руското разузнавање кое се обидувало да ја дестабилизира Молдавија
- САД воведе казнени мерки против седум водечки членови на група поврзана со разузнавањето на Русија и еден ентитет поради вклученост во злонамерни кампањи за вршење влијание и дестабилизирачка кампања на Русија во Молдавија, се вели во денешното соопштение на Стејт департментот.
Вашингтон, 5 јуни 2023 (МИА) - САД воведе казнени мерки против седум водечки членови на група поврзана со разузнавањето на Русија и еден ентитет поради вклученост во злонамерни кампањи за вршење влијание и дестабилизирачка кампања на Русија во Молдавија, се вели во денешното соопштение на Стејт департментот.
Овие актери се дел од глобалните информациски операции на Русија кои исто така ги таргетираа Соединетите Држави, Европската Унија, Велика Британија и земјите од Балканот, се вели во изјавата.
-Целта на овие дестабилизирачки операции е да се ослаби поддршката за демократските влади и принципи. Овие операции провоцираат, обучуваат и надгледуваат групи во демократските земји кои вршат антивладини протести, митинзи, маршеви и демонстрации со цел рушење на демократски избрани лидери и креирање или усложнување на нестабилноста.
-Денешните акции доаѓаат по оние на Европскиот совет и на Канада кои воведoa санкции против неколку лица за нивните постапки за дестабилизација, поткопување или закани по суверенитетот и независноста на Молдавија, се вели во соопштението.
На сите санкционирани лица им се забранува влез во САД, додека сиот нивни имот или сметки што се наоѓаат во САД или во сопственост на американски лица се блокирани и мора да се пријават кај Канцеларијата за контрола на странски активи при Министерството за финансии на САД. /кб