• среда, 27 ноември 2024

САД и Франција ги предупредија иранските власти за нуклеарниот договор

САД и Франција ги предупредија иранските власти за нуклеарниот договор
Вашингтон/Париз, 25 јуни 2021 (МИА) - Соединетите Американски Држави и Франција денеска ги предупредија новите ирански власти дека истекува времето за спас на иранскиот нуклеарен договор и дека мора да донесат „тешки“, но „храбри одлуки“.
Една недела по изборот на новиот претседател на Иран, ултраконзервативниот Ибрахим Реиси, министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен за време на посетата на Париз рече дека на САД „ќе им биде тешко“ да се вратат на договорот доколку преговорите се одолжат.
- Во одреден момент ќе биде тешко да се вратиме на одредбите утврдени со договорот ЈЦПОА, рече тој на заедничката прес-конференција со францускиот колега Жан-Ив Ле Дријан.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси треба да поднесе извештај до управниот одбор за тоа дали е постигнат договор за следење на иранските нуклеарни постројки, кој истече на 24 јуни.
Ле Дријан, чија земја е една од потписниќките на ЈЦПОА, го повика Техеран да го направи тој одлучувачки чекор за спас на договорот.
- Очекуваме иранските власти да донесат секако тешки одлуки што ќе ни овозможат да ги завршиме преговорите во Виена, рече Ле Дријан, изразувајќи „оптимизам“.
Нуклеарниот договор од 2015 година ги олесни меѓународните санкции кон Техеран во замена за гаранции дека нема да произведува нуклеарно оружје, но Иран започна да се откажува од целосното почитување во 2019 година, како одговор на едностраното повлекување на поранешниот американски претседател Доналд Трамп од договорот од 2018 година.
Меѓу другото, Иран во февруари одлучи да го прекине пристапот на меѓународните инспектори до своите нуклеарни постројки. Сепак, инспекциите беа продолжени двапати со привремени договори, од кои последниот истече во четвртокот.
Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Русија и Иран започнаа преговори под покровителство на Европската унија во април, со индиректно учество на САД. паг/

Остани поврзан