• среда, 27 ноември 2024

Оцука за МИА: Отворањето канцеларија за врски во Јапонија можност за зајакнување на НАТО ангажманот во Индо-Пацификот

Оцука за МИА: Отворањето канцеларија за врски во Јапонија можност за зајакнување на НАТО ангажманот во Индо-Пацификот

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) – Сметаме дека отворањето на канцеларија за врски на НАТО во Јапонија, доколку се донесе таква одлука, е конкретен и симболичен напор што го отелотворува ставот на Алијансата за зајакнување на својот ангажман во Индо-Пацификот, вели во интервју за МИА јапонскиот амбасадор, Казуја Оцука, во врска со најавите за отворање на таква канцеларија, која би била прва од ваков вид во Азија.

Тој посочува дека Јапонија и НАТО во моментов разговараат за нова Програма за индивидуално приспособено партнерство (ПИПП), која ќе вклучува цели и конкретни иницијативи. Оцука додава дека за да се постигне ова ќе биде потребна понатамошна практична соработка помеѓу Јапонија и НАТО. 

- Сметаме дека отворањето на ваква канцеларија ќе биде од корист не само за регионот на Индо-Пацификот, вклучително со Јапонија, туку и за НАТО. Со цел да се реализира ова прашање, би сакале да продолжиме со тесната соработка со Северна Македонија и други земји членки на НАТО, нагласува Оцука.

Тој потсетува дека новиот „стратешки концепт“ на НАТО усвоен во јуни минатата година, првпат ја позиционирал Кина како „системски предизвик“ и јасно ја претставил заканата од кинеско-руската соработка. 

- Исто така, јасно се наведува дека Индо-Пацификот може директно да влијае врз безбедноста на евроатлантската област, вели јапонскиот амбасадор.

Оцука во интервјуто, кое МИА целосно ќе го објави утре, меѓудругото се осврнува на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Јапонија, следната година, а открива и дел од активностите кои засега се планираат за таа цел. ац/сп/

Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан