РФМ најавува за новата сезона нов софтвер и дигиталзација во националните првенства
- Првите луѓе на ракометната федерација на Македонија претседателот Александар Стефанов и генералниот секретар Влатко Тасевски ја информираа јавноста за новитетите што ги подготвува федерација за новата сезона
Скопје, 10.јули 2025 (МИА) - Првите луѓе на ракометната федерација на Македонија претседателот Александар Стефанов и генералниот секретар Влатко Тасевски ја информираа јавноста за новитетите што ги подготвува федерација за новата сезона.
- Во фаза на потпишување сме на нов софтвер за регистрација, лиценцирање, водење статистика и записник за националните натпревари. Истите треба да бидат применувани од почетокот на новата сезона, изјави Стефанов.
На ова се надополни Тасевски, кој истакна:
- Софтверот го користат повеќе земји и ИХФ, а целта е олеснување во работата на федерацијата и клубовите. Ќе има целосни статистики во Супер лигата, а и за другите лиги. Секако дека ќе има и обуки за сите да бидат подготвени во септември, со стартот на новата сезона.
Меѓудругото РФМ планира и каравани низ повеќе градови во државата со цел да се стигне и до најмладите (8-12 години), да се приклучат на ракометот, а стартот ќе биде во септември во Охрид.
За време на ЕХФ недела во женска конкуренција (15-21.септември) ќе биде организиран турнир „Трофеј на Македонија“ од пријателски карактер. На турнирот би требало да играат селекциите на Тунис, Египет и Грција, а дуелите со ови селекции ќе бидат искористени како подготовки за квалификациските дуели за ЕП 2026 во октомври против Германија и Словенија.
По посетата на Базел и ИХФ (Светската ракометна федерација) иразговорот со првиот човек Хасан Мустафа, РФМ аплицираше за организација на Светски првенства кадети, кадетки, младинци и младинки во периодот од 2026 до 2029 година.
Во работата на машките репрезентации како координатор ќе работи поранешниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски. мн/
Фото: принтскрин РФМ