Русија подготвена да се врати на договорот „Отворено небо“ ако и САД го сторат истото
- Русија денеска изрази подготвеност да се врати на меѓународниот договор за контрола на воените активности „Отворено небо“, доколку и САД го сторат истото, додавајќи дека нема „засекогаш да че
Москва, 16 февруари 2021 (МИА) - Русија денеска изрази подготвеност да се врати на меѓународниот договор за контрола на воените активности „Отворено небо“, доколку и САД го сторат истото, додавајќи дека нема „засекогаш да чекаат“ на одлуката на САД.
„Ја оставаме вратата отворена. Но, колегите во Вашингтон и другите престолнини на НАТО мора да разберат дека нема да чекаме засекогаш“, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за новинската агенција РИА Новости.
Според него, постапката за повлекување од договорот инициран од Москва е сè уште во тек и ќе заврши „доколку САД не ја известат Русија дотогаш за нејзината подготвеност да се вратат на одредбите од договорот“.
Рјабков не прецизираше колку време даде Русија за да го заврши процесот на повлекување од меѓународниот договор, што овозможува контрола на воените движења и стратешките инсталации на земјите потписнички.
Русија минатата година објави повлекување од договорот „Отворено небо“ по повлекувањето на САД по наредба на тогашниот претседател Доналд Трамп.
Владата на новиот претседател на САД, Џо Бајден, во последните неколку недели презеде чекори за враќање на неколку договори.
Договорот „Отворено небо“ стапи на сила во 2002 година првично со 35 земји потписнички. паг/