• понеделник, 23 декември 2024

Русија го поздравува доаѓањето на МААЕ во нуклеарката Запорожје, дел од Русите скептични

Русија го поздравува доаѓањето на МААЕ во нуклеарката Запорожје, дел од Русите скептични
Москва, 29 август 2022 (МИА) - Високиот руски дипломат Михаил Улјанов денеска изјави дека Москва ја поздравува претстојната посета на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на нуклеарната електрана Запорожје, што е под контрола на руските сили од март, јавија руски медиуми. Според Улјанов, постојан руски претставник во меѓународни организации во Виена, Русија дала значителен придонес за посетата, која треба да се случи неделава. Проруските сили во источниот дел на Украина денеска соопштија оти локалните власти ќе се погрижат за безбедноста при мисијата на МААЕ. Русија и Украина си префрлуваа вина за гранатирање на територијата на нуклеарката. Поради тоа, многумина стравуваа од потенцијална нуклеарна катастрофа. Прорускиот лидер на еден од регионите во источниот дел на Украина, Евгениј Балицки нагласи дека не е информиран за деталите за посетата на МААЕ. Тој не очекува значителен напредок од посетата и обвини дека САД ја држат МААЕ в раце. Директори од Г7, задолжени за неширење нуклеарно оружје, денеска исто така го поздравија доаѓањето на МААЕ во Запорожје. „Повторуваме дека нуклеарката Запорожје и струјата што ја произведува, законски им припаѓаат на Украина и нагласуваме дека обидите на Русија, електраната да се отстрани од украинската електродистрибутивна мрежа, се неприфатливи“, пишува во соопштението на директорите на Г7. бд/сд/

Остани поврзан