• понеделник, 23 декември 2024

Румен Радев одби да го потпише указот за разрешување на главниот секретар на бугарското МВР, Петар Тодоров 

Румен Радев одби да го потпише указот за разрешување на главниот секретар на бугарското МВР, Петар Тодоров 

Софија, 25 август 2023 (МИА) - Бугарскиот претседател Румен Радев денеска одби да донесе указ за разрешување на главниот секретар во МВР, Петар Тодоров.

Во соопштението од бугарското претседателство се наведува дека разрешувањето на главниот секретар на МВР во овој момент ќе служи само за лични интереси, а не за јавноста.

„Мотивите за предлогот за смена на Петар Тодоров од функцијата главен секретар на МВР се целосно политички и претставуваат продолжување на целосната чистка во оваа институција“.

Наведените аргументи за неорганизираност и контрола врз работата на МВР се во остра спротивност со извештаите за работата на министерството за 2022 година и првата половина од 2023 година, се додава во соопштението, пренесе порталот „Новините“.

Од кабинетот на Радев се потсетува дека МВР самото соопшти дека има подобри резултати и во однос на регистрираните и откриените кривични дела.

Тодоров на функцијата главен секретар беше именуван токму од бугарскиот претседател, на 5 август 2021 година, на предлог на кабинетот на тогашниот технички премиер Стефан Јанев.

Неговото разрешување го побара премиерот Николај Денков минатиот петок, по извештаите за зголемен број тешки кривични дела, вклучувајќи го и убиството на Алексеј Петров.

Министерот за внатрешни работи Калин Стојанов минатата среда изјави дека главниот секретар на МВР е одговорен за неорганизираноста и контролата врз активностите во МВР, што е директно поврзано со смртта на шестмина вработени при вршење службени должности.

Тодоров и неговиот заменик Станимир Станев поднесоа оставки на 22 ноември 2022 година, по инцидентот во кој полицаец беше тешко повреден, а подоцна и почина при обид да приведе мигранти. Но, претседателот Радев не ја прифати неговата оставка. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан