Романскиот политичар Калин Георгеску останува под судска контрола поради незаконско финансирање
- Како мерка на претпазливост, му беше одредена судски надзор во траење од 60 дена, забрана за напуштање на земјата без одобрение од судот и забрана за објавување содржини со легионерска, фашистичка, антисемитска, расистичка или ксенофобична содржина на социјалните мрежи

Букурешт, 6 март 2025 (МИА) - Романскиот крајнодесничарски политичар Калин Георгеску, кој најави нова кандидатура за претседателските избори во земјата, останува под судска контрола, одлучи денеска Окружниот суд на првиот сектор во Букурешт, пренесе Аџерпрес.
Судот ја одби жалбата на Георгеску против мерката изречена во рамки на кривична истрага за незаконско финансирање на неговата претходна изборна кампања.
Георгеску, кој минатата година победи во првиот круг од анулираните претседателски избори, беше уапсен на 26 февруари, а по петчасовен распит, Главното обвинителство му поднесе обвиненија за шест кривични дела, меѓу кои загрозување на уставниот поредок и создавање фашистичка организација.
Обвинителството тврди дека Георгеску подготвувал план за дестабилизација на Романија по поништувањето на изборите.
Како мерка на претпазливост, му беше одредена судски надзор во траење од 60 дена, забрана за напуштање на земјата без одобрение од судот и забрана за објавување содржини со легионерска, фашистичка, антисемитска, расистичка или ксенофобична содржина на социјалните мрежи.
Георгеску ја обжали оваа одлука, но денеска судот во Букурешт ја одби неговата жалба како неоснована.ссм/
фото: архива