• петок, 22 ноември 2024

Република Сан Марино пред банкрот

Република Сан Марино пред банкрот
Рим, 5 јули 2020 (МИА) - На Република Сан Марино и се заканува опасност од банкрот поради економската криза која ја зафати по пандемијата на новиот коронавирус, а поради нејзиниот долг би можеле да ја загуби својата 1.300-годишна самостојност, пишува весникот „Ил фато Квотиџиано“. Република Сан Марино на почетокот од пандемијата не сакала, од економски причини, да воведе карантин, а откако се заразиле 1.200 граѓани од вкупно 33.000, тогаш властите биле принудени да воведат рестриктивни мерки. Уште пред пандемијата банкарскиот систем на Републиката се наоѓал во колапс, долговите на земјата се зголемиле на 360 милиони евра, а сега за да избегнат финансиско уништување, властите во Сан Марино бараат помош од официјален Рим и Банката на Италија. Република Сан Марино долги години беше даночен рај, идеално место за криење пари и прикривање траги на компании, чие богатство сопствениците не можеле да го докажат. - Милионите исчезнаа, „ги проголтаа банките“, тврди Џузепе Марија Морганти, советник на опозициската Демократска партија. Од 11 банки, шест банкротирале, загубите морала да ги надополни државата, а една банка е национализирана. Во последните пет години богатството на Републиката е двојно намалено, бруто домашниот производ пред пандемијата бил помал за 28 отсто, а поради Ковид-19 и карантинот се намалил за уште 12 процента. За да ја ублажи економската криза, Република Сан Марино испечатила државни обврзници „Титано“ во вредност од 500 милиони евра. Еден „титано“ вреди едно евро, но тоа не е доволно, бидејќи недостасуваат пари за исплата на пензии и за живот, пишува весникот. Дури се размислува и за воведување ДДВ, што би претставувало преседан во историјата на најмалата држава на светот. „Ил фато Квотиџиано“ наведува дека доколку не му се помогне на Сан Марино, би можел да „падне“ во раце на кинески или руски капитал, а потоа тие две земји би можеле да го користат за купување гласови во меѓународните институции, како што се ОН, ОБСЕ и слично. Во Сан Марино живеат околу 10.000 Италијанци, кои имаат двојно државјанство, па тоа е уште една причина што дел од италијанските политичари апелираат да се помогне, бидејќи ако банкротира Сан Марино тоа ќе биде трагедија и за Италија, тврди членот на Демократската партија Марко ди Мајо. гт/

Остани поврзан