• петок, 22 ноември 2024

Рено ја прекина работата во фабриката во Москва

Рено ја прекина работата во фабриката во Москва

Париз, 24 март 2022 (МИА) - Соочени од почетокот на војната во Украина со осудата на невладините организации, политичките партии и неодобрувањето на дел од јавноста, врз француските компании присутни во Русија се зголеми притисокот во текот на вчерашниот ден, што го принуди Рено да реагира и да најави прекин на работата на својата фабрика во Москва, јави дописникот на МИА од Париз.

Производителот, чиј одбор на директори се состана синоќа, објави дека ќе ги прекине активностите на својата фабрика во Москва. Групацијата, која реализира 12 отсто од вкупната продажба во Русија, одлучи да ја затвори својата фабрика во близина на Москва, која вработува 1.800 луѓе.

Но, Рено главно работи во Русија преку рускиот производител на автомобили АвтоВАЗ, од кој поседува 68 отсто, заедно со Ростек, јавниот воено-индустриски конгломерат (32 отсто). Рено моментално ги проучува опциите за повлекување од АвтоВАЗ без отпуштање вработени и без да биде казнет од руската држава. „Како резултат на тоа, групацијата Рено е принудена да ги преиспита своите финансиски изгледи за 2022 година со оперативна маржа на Групацијата од околу 3 отсто, наспроти повеќе од 4 отсто претходно, се вели во соопштението на компанијата.

Здружението на семејството Чулиез, кое е сопственик на брендовите Ошан, Лероа Мерлин и Декатлон, исто така е во незавидна ситуација. Семејната групација е најголемиот француски работодавач во Русија. Овие три бренда одлучија да останат таму, оправдувајќи го својот избор со потребата да ги поддржат своите вработени и да го снабдуваат руското население. „Немаме причина да ги осудуваме нашите руски тимови за војната што тие не ја избрале. Затворањето на компанијата преку ноќ, затворањето на нашите продавници едноставно би било напуштање кое се смета за однапред смислен банкрот, тоа е незаконско, отворајќи го патот за експропријација, што ќе ги зајакне финансиските средства на Русија“, уверува Лероа Мерлин.

Всушност, губењето на прометот не е единствениот проблем со кој се соочуваат овие компании. На ова се додава и ризикот од експропријација, или продажба по најниска цена, и тоа може да биде исто толку штетно. Според Тотал Енержи, повлекувањето од Русија исто така би претставувало сериозни тешкотии за снабдувањето на Европејците.

„Без руски гас, ја запираме европската економија“, изјави извршниот директор Патрик Поујан за радиото РТЛ. Претходно, неговата групација објави крај на купувањето руска нафта и дизел и учество во проектот за течен природен гас Арктик ЛНГ 2. Но, таа ги задржува своите акции во руската компанија Новатек и локацијата Јамал.

Другите француски компании присутни во Русија, Данон и Сосиете Женерал одлучија да не даваат изјави. Данон, кој вработува 8.000 лица во Русија во 13 фабрики, им пиша на сите вработени: „Руските граѓани, обичните луѓе се потпираат на нас за сите основни намирници“.

Украински претседател Володимир Зеленски побара француските компании да го напуштат рускиот пазар. „Рено, Ошан, Лероа Мерлин и другите мора да престанат да бидат спонзори на руската воена машина во Украина, рече Зеленски во својот говор емитуван преку видео-врска пред француските пратеници и сенатори. 

Многу француски групации веќе одлучија да ги прекинат своите активности во Русија. Ова е случај со луксузните гиганти како што се  ЛВМХ, Керинг и Хермес, но исто така Ербас, Сафран, Алстом, БНП Парибас и Креди Агрикол. тг/паг/ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан