• недела, 24 ноември 2024

Реновиран објектот на Полициското одделение Чашка

Реновиран објектот на Полициското одделение Чашка
Скопје, 28 август 2021 (МИА) - Согласно планот за реализација на реконструкција на објектите и подобрување на условите за работа на вработените во Министерството за внатрешни работи, завршена е целосната реконструкција на објектот на Полициското одделение Чашка. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети ова Полициското одделение во општина Чашка и оствари средба со раководството на СВР Велес, но и на оваа полициска организациска единица по повод завршената санација и реконструкција на објектот. Тој напомена дека во постапката на реконструкција на објектот направена е комплетна санација на кровната конструкција, изработена е нова термоизолациона фасада на целиот објект, заменета е старата електрична инсталација со нова, направена е комплетна замена на старите дрвени прозорци со нови  ПВЦ прозорци, а поставено е и ново парно греење.

-Посебно ми е драго што колегите од оваа наша организациска единица од денеска и официјално добиваат квалитетен, реконструиран и саниран работен простор и амбиент кој што ќе придонесе  за подобрување на квалитетот и стандардот на работа и услуги што полицијата ги дава на граѓаните како нивен сервис, истакна Спасовски.

Како што рече, извршени се и други потребни работи за реконструкција на објектот, а вкупно за оваа намена се потрошени 5.000.000 денари од буџетот на МВР. Тој потсети дека од ноември минатата година реконструирани се 11 објекти, а моментално се работи и на други објекти кои ќе бидат целосно готови до крајот на оваа година. -Ги завршивме објектите на Управни служби Кавадарци, ОВР Крива Паланка, ОВР Гевгелија, ОВР Кавадарци, Полициско одделение Ростуше, Војнички клуб Илинден за потребите на САЕ „Тигар“, ОВР Ресен, Полициско одделение Дојран, Полициска канцеларија Старо Нагоричане, Полициско одделение Ранковце и ова што денеска го промовираме – Полициско одделение Чашка, рече Спасовски. Тој додаде дека се работи на реконструкцијата на ПС Карпош, ОВР Крушево, ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, СВР Куманово, Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, ОВР Пробиштип, Полициско одделение Македонска Каменица, Полициско одделение Кривогаштани, ОВР Делчево, ОВР Берово.

Министерот Спасовски во рамки на работната посета на општина Чашка  се сретна и со градоначалникот на оваа општина Горан Стојановски при што беше констатирана одлична соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа.бт/мд/

https://www.youtube.com/watch?v=1YoDMhsX4yc

Остани поврзан