• среда, 08 мај 2024

Регионална конференција „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“

Регионална конференција „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, денеска ќе биде домаќин на регионалната конференција на високо ниво, „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“. Конференцијата се одржува во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА, а ќе се одржи под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, соопштија од претседателскиот кабинет.

На отворањето на конференцијата, покрај Ѓоргиевска, ќе се обратат и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, регионалната директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџак, како и Диене Кеита, заменик-директорка на УНФПА.

- Преку четири панели на различни теми, говорниците на конференцијата ќе дадат преглед на остварувањето на телесната автономија, ќе ги прикажат податоците од Истражувањето на напредокот и предизвиците во практикувањето на телесната автономија кај жените во регионот, ќе дебатираат како родовите и социјалните норми влијаат на родовата еднаквост и телесната автономија. На последниот панел на конференцијата, ќе се обратат Арманда Бегај, сопруга на претседателот на Република Албанија, Мирела Беќировиќ, сопруга на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Република Северна Македонија, Тамара Вучиќ, сопруга на претседателот на Република Србија и Алеш Мусар, сопруг на претседателката на Република Словенија, се појаснува во соопштението.

Како што наведуваат од претседателскиот кабинет, на конференцијата ќе присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници и претставнички на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни.

- Телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје и права се клучни за напредокот кон родовата еднаквост, постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и целите на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) што се одржа во Каиро, Египет, во 1994 година, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан