• недела, 22 декември 2024

Регионален саем на социјални претпријатија - решавање на социо-економските прашања на ранливите групи во општеството

Регионален саем на социјални претпријатија - решавање на социо-економските прашања на ранливите групи во општеството

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - „Третиот саем на социјални претпријатија“ што е од регионален карактер се одржа денеска во Скопје, учествуваа претставници од земјите од Западен Балкан, а освен од Северна Македонија социјални претпријатија имаше и од Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

На официјалното отворање на саемот, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека со институционална поддршка за социјалното претприемништво ги решаваме предизвиците и на централно и на локално ниво, поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи во општеството.

-Социјалните претпријатија ќе придонесат во креирање нови работни места за ранливите групи граѓани. Законот за социјални претпријатија е во последната фаза и наскоро ќе биде вклучен во процедурите на усвојување во Влада и во Собрание и верувам дека до крајот на годината истиот ќе биде усвоен. Со него ќе се дефинира како граѓанските организации, здруженијата на граѓани, задругите, компаниите и сите останати правни субјекти можат да добијат статус на социјални претпријатие, истакна Тренчевска.

Со статусот, додаде, овие претпријатија кои ќе вработуваат лица од ранлива категорија и кои ќе го реинвестираат својот профит за остварување на својата општествена солидарна или еколошка мисија ќе може да добијат корист со кој ќе може да го растат својот бизнис, да вработуваат повеќе лица и да придонесат во решавањето на социо-економските проблеми во заедницата.

-Од минатиот саем во 2022 досега, многу работи се придвижија. Центарот за социјални претпријатија во состав на МТСП од средиште за активности поврзани со социјалните претпријатија прерасна во место каде што се обединуваат сите чинители на солидарната економија. Од минатата година досега видовме како социјалните претпријатија растат и се развиваат, многу активности се спроведоа и преку проектот имавме кампања со која се промовираат успешните социјални претпријатија од земјава, документарен филм, кој обединуваше доста од нив, саеми на повеќе локации, обуки и бројни активности, нагласи Тренчевска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека социјалната економија е од голема важност во ЕУ и таа опфаќа десет отсто од сите бизниси и обезбедува работа на 13 милиони луѓе, што е шест отсто од сите вработени во Унијата.

-Социјалните претпријатија се вистински целосно грижливи компании кои вработуваат лица коишто инаку би биле без работа, без средства, без иднина. Благодарение на нив, тие се сега дел од поширока заедница, рече Гир.

Тој истакна дека откако ќе биде усвоена легислативата за социјални претпријатија во земјава, тоа ќе овозможи побрз развој на социјалните претпријатија, кои ќе можат да бидат конкурентни на други бизниси.

Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер истакна дека овој Регионален форум за социјални претприемачи кој го означува крајот на третото издание на проектот RISE.

-Првата фаза од овој проект датира од октомври 2019 година, а овој датум не е случаен. Тој датум е неколку месеци по усвојувањето на француската стратегија за Западен Балкан предложена и поддржана од претседателот на Република Франција. Без да навлегувам во детали, би сакал едноставно да потсетам дека оваа стратегија на Претседателот има за цел да ги зајакне врските меѓу Франција и овој дел од светот, преку две дополнителни цели - зајакнување на нашата билатерална соработка со секоја од 6-те земји од Западен Балкан; поддршка и дополнување на активностите на Европската Унија, за поддршка на приближувањето на регионот кон Европа, рече Бомгартнер.

Првиот столб на оваа стратегија, додаде, е економскиот и социјалниот развој со мобилизација на Француската агенција за развој (ФАР).

-ФАР која, би сакал да ја искористам оваа прилика да истакнам, конкретно треба да започне со своите активности во земјата следната година, во рамките на партнерство со Македонската развојна банка. Затоа е логично што ФАР го поддржува овој проект RISE заедно со RYCO, OFAJ и Европската унија, и други десеттина партнери. Бројките зборуваат сами за себе и ги покажуваат конкретните успеси на овој проект RISE, благодарение на ефикасното управување на НВО Пулс од СОС групата, која е носител на прокетот заедно со 6 инкубатори во секоја од шесте земји од Западен Балкан, рече тој.

Истакна дека се поддржани повеќе од 260 претприемачи во шесте земји од Западен Балкан, шест зајакнати локални инкубатори, вклучително и АРНО во Северна Македонија, мнозинството жени меѓу овие претприемачи и повеќе од 50 отсто од избраните проекти кои се осмислени надвор од главните градови.

Според него, RISE не може да се ограничи на бројки и оти да се учествува во проектот RISE за младите социјални претприемачи, подразбира учество на целосна обука, професионален развој.

Потсети дека на 1 септември оваа година беше објавен четвртиот повик за проекти за вклучување во нова обука. 

-Сигурен сум дека меѓу победниците и корисниците на проектот RISE, многумина ќе креираат и развиваат свои бизниси, со што ќе станат чинители на вработување и на задржување на младите на територијата на Западен Балкан. Сметам дека интензивната работа која претстои ќе овозможи подобро да се истакнат различните предности и придонеси на оваа иницијатива, заклучи Бомгартнер. 

Саемот се организира како соработка помеѓу проектот „Поддршка на развојот на социјалните претпријатија“ поддржан од Министерството за труд и социјална политика, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Пакомак, со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) преку нивниот проект „Регионален инкубатор за социјални претприемачи“ (RISE).

Саемот го означува и почетокот на Регионалниот форум за социјални претприемачи, конференција која ќе трае до 14 септември, а е организирана како дел од проектот RISE, поддржан од L'Agence Française de Développement (AFD), Европската Унија, RYCO и Француско-германската канцеларија за млади (FGYO). нд/цр/

Фото: МИА; МТСП

 

 

 

Остани поврзан