• понеделник, 23 декември 2024

Регионален Младински едукативен камп на Црвен крст - Кочани

Регионален Младински едукативен камп на Црвен крст - Кочани
Кочани, 25 август 2022 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст од Кочани е организатор на тридневен летен младински камп со обука за дејствување при катастрофи. На кампот учествуваат триесетина волонтери од Локалниот клуб на млади од градот домаќин, како и од другите општински организации во регионот. -Обуката што ја следат младите волонтери на Црвен крст е дел од програмската дејност што ја работиме, а целта е да ги зголемиме нивните знаења и капацитетите за дејствување. Како предавачи ангажиравме стручни лица од неколку организации и граѓански здруженија од Кочани, односно од спортскиот планинарски клуб „Осогово“, од извидничкиот одред „Ластовица“, од Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво. Преку претставување на дел од опремата и техниките на дејствување во различни ситуации на природни и други катастрофи, младите ќе можат подобро да се вклучат во активностите во вонредни ситуации кога тоа ќе биде потребно, истакна Анета Коцева, секретарка на Црвен крст – Кочани. Теоретскиот и практичниот дел од обуката на летниот младински камп се реализира на туристичкиот локалитет „Кај Дабот“ во селото Бели. Волонтерите се обучуваат за безбедно движење во шума и планина, за ориентација во природа, укажување помош и дејствување во услови на пожар и други елементарни непогоди.та/ир

Остани поврзан