Реакција на ЕК на пресудата на Европскиот суд на правдата за транспарентноста на набавката на анти-ковид вакцини
- Европската комисија ги зема предвид пресудите на Општиот суд при Европскиот суд на правдата на случаите кои се однесуваат на пристапот до договорите за набавка на вакцини против Ковид-19 и поврзаните информации и го задржува правото на користење на своите законски опции, се наведува во реакцијата на ЕК на судската одлука.
Брисел, 17 јули 2024 (МИА) - Европската комисија ги зема предвид пресудите на Општиот суд при Европскиот суд на правдата на случаите кои се однесуваат на пристапот до договорите за набавка на вакцини против Ковид-19 и поврзаните информации и го задржува правото на користење на своите законски опции, се наведува во реакцијата на ЕК на судската одлука.
Судот оцени дека Европската комисија не и обезбедила на јавноста доволен пристап до информации за зделките за набавки на вакцини против Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на корона пандемијата.
Постапката пред Судот ја покренаа група европратеници, откако, според нив, Европската комисија одбила да им даде целосен пристап до договорите за набавката на вакцините против Ковид-19.
Комисијата во својата реакција посочува дека внимателно ќе ги проучи пресудите на Судот и нивните импликации.
- Во своите пресуди, Општиот суд се согласува со Комисијата за повеќето наводи и особено признава дека заштитата на комерцијалниот интерес ги опфаќа клаузулите од договорите кои се однесуваат на локацијата на производните локации, одредбите за правата на интелектуална сопственост и за авансите или авансните плаќања, како и за пристап до распоредот за испорака, се наведува во реакцијата.
Според Комисијата, Суд потврдил дека Комисијата имала право да обезбеди само делумен пристап до информациите, со што само делумно ја потврдил правната постапка по две точки.
- Тој одлучи дека Комисијата требало да даде повеќе објаснувања за да го оправда одбивањето на пристап до одредени одредби во договорите. Исто така, тој одлучи дека Комисијата требало да ги обезбеди личните податоци поврзани со членовите на преговарачките тимови, составени од претставници на земјите членки и претставници на Комисијата, посочува ЕК.
Во реакцијата се нагласува дека генерално Комисијата дава најширок можен јавен пристап до документите во согласност со принципите на отвореност и транспарентност.
- Во овие случаи, Комисијата требаше да обезбеди рамнотежа помеѓу правото на јавноста, вклучително и на европратениците, на информации и правните барања кои произлегуваат од самите договори, што може да резултира со барања за отштета по цена на даночните обврзници. Всушност, во многу случаи во минатото, Судот на правдата ја препозна потребата за заштита на деловните интереси на договорниот партнер, наведува Европската комисија.
Извршното тело на ЕУ додава и дека согласно Рамковниот договор за односите меѓу неа и Европскиот парламент таа на европратениците им доставила целосни информации за договорите за набавката на вакцини против Ковид-19.
- Во согласност со својата институционална улога, Комисијата е одговорна да спречи каков било конфликт на интереси, а, исто така, има должност да ја заштити приватноста и личните податоци на засегнатите поединци, се додава во реакцијата. сп/
Фото: МИА Архива