• понеделник, 23 декември 2024

Распишани конкурсите за поезија и плакат за 14. издание на „100 илјади поети за промена“

Распишани конкурсите за поезија и плакат за 14. издание на „100 илјади поети за промена“

Струмица, 22 август 2024 (МИА) - Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со Здружението „Контекст-Струмица“ распиша поетски конкурс за годинашното издание на Фестивалот. Поезијата, со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации, треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

На конкурсот секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 15 септември 2024 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

-Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“, затоа што сме овде да се читаме и online, нели? Ваков конкурс се организира веќе четиринаесет години по ред - исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот, велат организаторите.

Покрај конкурсот за поезија, распишан е и тој за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој и мирот.

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истата електронска пошта- (poetizapromena@gmail.com) или на фејсбук профилот на оваа манифестација најдоцна до 15 септември 2024 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 28 септември 2024 година во Струмица.

Дизајнот на плакатот за годинашното издание на оваа манифестација е на Стефан Јакимовски, универзитетски професор и мултимедијален уметник.рт/мд/

Фото: Организатори

Остани поврзан